Прес-конференција на Христијан Мицкоски/ Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Глушецот Мицко се замислува како лавот Мицковиќ, може да биде само пародија на српскиот волк Вучиќ, порача бугарски историчар

Продолжуваат навредите и провокативните изјави од Бугарија, по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека пораката на бугарскиот министер за надворешни работи Георг Гергиев е како кога глушецот го задева мачорот.

Според бугарскиот академик Спас Ташев нема ништо навредливо во изјавата на Георгиев, кој во интервју за бугарската телевизија БТВ зборувајќи за македонскиот премиер Мицкоски, го нарече северномакедонски премиер.

„Глушецот Мицко, замислувајќи се себеси како лавот Мицковиќ, побара официјално извинување од Бугарија затоа што нашиот министер за надворешни работи Георг Георгиев во интервју за БТВ изјави дека Бугарија станала фактор во ЕУ и во регионот, со идеја дека Северна Македонија треба да го има ова предвид. Зборувајќи за премиерот Мицкоски, тој го нарече „северно македонски“ премиер. Сепак, тука нема ништо навредливо!“ напиша тој на Фејсбук.

Георгиев меѓу другото рече дека Бугарија е силна земја и фактор и во Европската Унија и во регионот, a тоа Северна Македонија мора да го има предвид. Неговите порачи ги потврдува и Ташев па набројува:

1. Бугарија е навистина фактор, судејќи според резултатите од гласањата во ЕП.

2. Северна Македонија е Северна затоа што зафаќа само 37% од северните делови од географската област Македонија. Со 37%, не можете да бидете само Македонија и да бидете само македонски премиер. Со 37%, можете да бидете само северномакедонски премиер, затоа што придавката изведена од Северна Македонија е северномакедонски. Многу аналогии: севернокорејски, северновиетнамски, источнотиморски, западносахарски итн.

3. Идентитетот е исто така северномакедонски, затоа што Скопско не може да тврди дека наметнува идентитет на преостанатите 63% од географската област Македонија. Како што веќе видовме од дебатите во ЕП, грчките европратеници имаат силно изразен регионален македонски идентитет и го оспоруваат правото на Скопјани да има монопол врз дефиницијата за „македонски“.

4. Официјалниот јазик е исто така северномакедонски, бидејќи нема никаква врска со јазикот на населението во преостанатите 63% од Македонија. Бугарите во Северна Македонија сепак ќе треба да одлучат како да го нарекуваат овој јазик.

Во официјалниот северномакедонски јазик, можеби има забрана за зборот „северномакедонски“, но во литературниот бугарски јазик нема таква забрана! Поради оваа причина, не разбирам зошто Мицко се жали на овој бугарски збор, кој можеби нема аналог во северномакедонскиот јазик? Но, за Бугарите во Северна Македонија, секако има. Лично сум ги слушнал како го користат“, пишува Ташев.

Тој вели дека за некого можеби неговиот јазик е саркастичен и несоодветен да коментира за премиер на „братска земја“. Но посочува дека треба да се погледне и изјавата на македонскиот премиер, во која тој зборува за Георгиев.

„Мицко се споредува себеси со лав, а за него Георг Георгиев понекогаш е момче, понекогаш стаорец, член на влада која некој ја контролирал одзади и му рекол да се зафркава со Северна Македонија…

Сфаќате дека вистинското глувче е Мицко и тој дал уште поглупави изјави. На пример, тој ги нарече мнозинството европратеници кои го исфрлија македонскиот идентитет и македонскиот јазик од извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2025 година „талибанци“.
Сето ова е толку идиотско што сите на светот ќе го разберат освен глушецот Мицко, кој замислува дека е лавот Мицко“, вели бугарскиот академик.

Според него, Мицкоски не може да биде лав, туку може да биде само пародија на српските волци Вучиќ, Вуковиќ и Вујовиќ…

Вчера Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го повика бугарскиот амбасадор во земјава Желјаско Радуков по повод изјавите на шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев, при што му бил пренесен официјалниот протест и му било укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада.

Стигна реакција и од бугарското МНР, од каде реагираа на речникот на Мицкоски. Бугарскиот дипломат, според Софија, јасно нагласил дека „во јавниот простор официјалните власти на Република Северна Македонија систематски и намерно демонстрираат непочитување кон нашата земја“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот