Гласањето за Уставот ќе го покаже ставот на секој пратеник

Устав на РС Македонија / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

И тие што ќе гласаат за уставни измени, но и пратениците коишто ќе гласаат против или воопшто нема да гласаат ќе треба да понесат одговорност за одлуката, велат нашите соговорници.

Ќе ги турка ли власта уставните измени до финале без оглед на исходот или гласањето ќе заглави во фиока кај претседателот на Собранието Талат Џафери ако нема двотретинско мнозинство за потребата од отворање на Уставот, е дилемата за која ќе треба да пресечат владините партнери. Се очекува премиерот Димитар Ковачевски да свика лидерска средба или координација за сценариото за уставните измени со партнерите од владината коалиција, пред уставните амандмани да влезат во собраниска процедура.

Во СДСМ има разногласие и допрва ќе се гради партиски став за ова прашање. Од партијата на Али Ахмети не добивме одговор, додека помалите владини партнери сметаат дека процесот треба да се истурка до крај.

Аргументи на поддржувачите на ставот уставните измени да финишираат со гласање, без оглед дали ќе има поддршка од 80 пратеници, се дека на тој начин јасно ќе се диференцира кои пратеници се за Македонија да го продолжи евроинтеграцискиот пат, а кои ќе го закочат целиот процес. Нашите соговорници велат дека и тие што ќе гласаат за, но и пратениците коишто ќе гласаат против или воопшто нема да гласаат ќе треба да понесат одговорност.

„Со име и презиме треба да се знаат пратениците кои се за продолжување на евроинтеграцијата, но и тие што се против. Граѓаните треба да знаат кои пратеници ќе треба да ја понесат одговорноста и во случај ако уставните измени поминат и потоа нешто тргне на лошо, но и ако тие не поминат и земјава заглави на патот кон ЕУ“, вели еден пратеник од власта.

Од друга страна, аргументи на приврзаниците дека процесот не треба да продолжи се дека не треба власта да се изложи на фијаско и на неуспех и после цела година убедување дека се обезбедени 80 гласа, уставните измени да не поминат.

Премиерот Ковачевски и шефот на дипломатијата Бујар Османи веќе најавија дека уставните измени во следните две недели ќе влезат во собраниска процедура. Амандманите прво треба да поминат на владина седница, по што, како што најави Османи, нивната содржина ќе биде објавена, можеби и на билборди, за потоа да влезат во Собрание.

Според собраниски извори, на вчерашната координација кај претседателот Џафери било констатирано дека се уште Собранието нема информација кога Владата ќе ги испрати амандманите за уставните измени во парламентот. Откако тие ќе бидат примени, до собраниската седница мора да поминат минимум 30 дена. Во тој период максимум 10 работни дена треба да заседава Комисијата за уставни прашања која за потребата од отворање на Уставот гласа со квалификувано мнозинство, односно мнозинство од членовите на Комисијата. На пленарната седница за потребата од промена на Уставот расправата трае најмногу 10 работни дела, а за да се отвори Уставот треба да гласаат 80 пратеници. Доколку нема двотретинско мнозинство, завршува процедурата.

Власта е оптимист дека ќе обезбеди 80 гласа, иако без пратениците од ВМРО-ДПМНЕ невозможно е да се обезбеди двотретинско мнозинство. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски викендов изјави дека ги прекинува сите официјални комуникации на билатерално ниво со претставници на власта. Тој истакна дека има само една работа за која што треба да се договорат со владејачките партии, а тоа се брзи предвремени избори оваа есен.

Шефот на дипломатијата ја оцени како многу лоша и непромислена одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да прекине секаква комуникација со власта, вклучувајќи ги и разговорите за уставните измени. Според Османи, со ваквата одлука, опозициската партија уште еднаш потрфлила и покажала дека ниту сака, ниту има намера некогаш да се соочи со кој било предизвик на државата. Тој најави дека за уставните измени власта ќе разговара со опозициските пратеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот