
Ѓорѓиевски: Цената на пченицата е стабилна, лебот нема да поскапи
Во вкупната цена на лебот 40 до 45 отсто се материјалните трошоци, околу 35 проценти се трошоци за работна рака, а останати за амбалажа, нафта, други енергенси… Просечната плата кај пекарите е 700 евра, но има такви кои се платени и по илјада евра месечно
Цената на лебното зрно во моментот е стабилна на светските берзи и не се очекуваат пореметувања на пазарот, особено што и дома, но и во Украина и Русија има добар род на пченицата, а тоа според Горан Ѓорѓиевски, претседател на ССК, кој доаѓа од пекарската индустрија, е сигурен знак дека и кај нас лебот нема да поскапи. Во вкупната цена на лебот 40 до 45 отсто се материјалните трошоци, околу 35 проценти се трошоци за работна рака, а останати за амбалажа, нафта, други енергенси… Поради одливот на кадар има голем притисок врз платата во секторот, која е зголемена. Просечната плата кај пекарите е 700 евра, но има такви кои се платени и по илјада евра месечно. Зголемена е дури и платата на продавачките во пекарниците, која се движи и над 400 евра.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Нема пореметувања на пазарот, жетвата е добра и тоа гарантира стабилни цени на лебот до крајот на годината – рече Ѓорѓиевски.
Инаку, Македонците годишно јадат 167,7 килограми леб, односно по 55 векни по член на едно домаќинство во 2024 година. Последниве години најмногу се троши основниот бел леб кој чини од 30 до 34 денари за векна од 500 грама. Според Евростат, во последните пет години лебот во Македонија поскапел за 65 отсто, што е едно од наголемите поскапувања на овој производ меѓу европските земји, ставајќи не на третото најголемо поскапување на лебот во изминатите пет години. Но, домашните производители на леб не се согласија со оваа констатација. Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарката индустрија при СКСМ, за „Слободен печат“, рече дека цената на лебот во овој период е зголемена за само 23 отсто, што е реално кога ќе се земат предвид цените на струјата, платите за вработените и флуктуациите на пазарот на пченица.
Малишиќ, контра пресметката на Евростат е убеден дека во Македонија лебот е најевтин во светот. И од третата најголема индустриска пекара „Фурна Диме“ беа на истиот став и со уште појасна математика за нашиот весник, открија дека за да опстанат цената на народниот леб во моментот би требало да изнесува најмалку 40 денари!
-Пекарството е занает со „девет корки“, а сите само нè критикуваат. Се бориме со зголемените трошоци, но најважно од сè е што немаме квалификувана работна сила. Сите пекарници работат на работ на рентабилноста, а згора на тоа секои два-три дена примаме и отпуштаме работници. Да, лебот пред пет години чинеше 28 денари, но тогаш немавме фолии за пакување, специјални машини за сечење леб и други модерни машини, па моравме да земаме огромни кредити за да го следиме светскиот тренд. Згора на тоа сите молчат и за уште ден огромен проблем, а тоа е фактот дека се бориме со растечка сива економија во браншата и никој не сака да каже дека 50 отсто од лебот во Македонија оди на црно – брифираа од менаџментот на Фурна „Диме“ за „Слободен печат“.
Според податоците, проценетите приходи на македонскиот пазар на леб за 2023 година се движеле околу 300 милиони долари, а очекувањата се дека тој ќе порасне за 4,47 проценти до 2028 година. Последен пат лебот беше замрзнат со владината мерка за ограничување на маржите која важеше од 20 февруари до 30 април и опфати 102 групи производи, со ограничување од 5 до 15 отсто зависно од категоријата.