
Германски Континентал отвори фабрика за автоделови кај Нови Сад
Германската компанија „Континентал“ отвори фабрика за електронски уреди за автомобили во Каќ кај Нови Сад, во која се инвестирани 140 милиони евра. Изградбата на фабриката од 30.000 квадратни метри започна во јуни 2021 година и првично ќе вработи околу 400 луѓе. Планот на менаџментот на Континентал е да инвестира повеќе од 150 милиони евра во новата фабрика и да вработи уште 1.500 луѓе.
Препорачано
Се очекува извозот на фабриката за две години да биде повеќе од една милијарда евра, додека прогнозите се дека по три години работа ќе биде повеќе од две милијарди. Тоа е втора фабрика на германската компанија во Србија и нејзина најголема во Европа. Околу 1.300 луѓе работат во фабриката на Континентал во Суботица „Конти-тек флуид“, отворена во 2013 година.
Пред повеќе од пет години „Континентал“ отвори центар за истражување и развој во Србија, во кој работат околу илјада висококвалификувани експерти во автомобилската индустрија. Во Србија „Континентал“ ја купи „Колубара универзал“ во Лазаревац и таму вработи 172 работници.
На отворањето на фабриката во Нови Сад присуствуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој рече дека Континентал за две години ќе биде првиот или вториот најголем извозник од Србија, објави Политика рс.
Германската амбасадорка Анке Конрад рече дека Германија е првиот трговски партнер на Србија по вредност и дека германските компании во Србија ги подигнуваат стандардите во технологијата и деловната култура.