
Германски инвеститор и Општина Кавадарци ќе го водат фудбалскиот клуб Тиквеш 1930
На стартот од подготовките за новата сезона, Градскиот фудбалски клуб Тиквеш 1930 од Кавадарци го одржа првиот прес по преземањето на клубот од страна на германскиот инвеститор Осман Таш, кој заедно со Градоначалникот Митко Јанчев и Општина Кавадарци ќе го водат клубот во иднина.
Препорачано
Пред почетокот на подготовките за новата натпреварувачка сезона, новиот газда акцент става на модернизација на тренажниот процес, професионален пристап кон фудбалерите, со максимална посветеност и влог во младите категории, за остварување на што подобри резултати во иднина, гледајќи го клубот во европските натпреварувања.
Исто така најави отворање на голем фан-шоп во центарот на Кавадарци во соработка со навивачката група Лозари-Исток.
Претседателот на клубот Миле Масларков изрази големо задоволство што повеќемесечните преговори со новиот инвеститор завршија со договор за соработка и е оптимист дека клубот во новата сезона ќе биде стабилен прволигаш.
Новиот директор на клубот, Емир Шабани најави нови фудбалски имиња и поголем состав на играчи како и неколку меѓународни засилувања. Стефан Тасев со меѓународно искуство повторно се враќа во клубот, потоа Христијан Стевковски се обврза да ги брани боите на екипата во наредните две сезони, ново засилување на „црвено-белиот“ тим е Кристијан Ацковски, а Дарко Илиевски потпиша договор на една година. ГФК Тиквеш го напуштија Благоја Спиркоски, Алмир Цубара, Оливер Стоименовски, Давид Манасиевски и Филип Купанов. Нови договори на една година потпишаа Александар Мишов, Кристијан Стојкоски, Даниел Миловановиќ и Мартин Стојанов.
Играчите на ГФК Тиквеш ќе тренираат на Градскиот стадион во Кавадарци, а од 15 до 25 јули заминуваат на подготовки во Турција.