Германија доби нов министер за одбрана

Борис Писториус/ Фото Droese / imago stock&people / Profimedia

Актуелниот министер за внатрешни работи на сојузната покраина Долна Саксонија, Борис Писториус ќе биде нов министер за одбрана, соопшти германската влада.

„Среќен сум што Борис Писториус доаѓа на чело на Министерството за одбрана“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц.

Тој додаде дека Писториус е искусен и компетентен политичар во областа на јавната администрација и безбедноста.

„Писториус со својата компетентност, упорност и храброст е вистинската личност да го спроведе реформскиот процес низ кој моментално минува Бундесверот“, рече Шолц.

Социјалдемократскиот политичар Писториус на таа функција треба да ја замени Кристин Ламбрехт, која вчера поднесе оставка од функцијата министер за одбрана по низата пропусти и негативни медиумски написи за нејзината работа.

Писториус е познат како искусен политичар кој бил познат по своите активности надвор од својата сојузна покраина. Изборот на 62-годишниот Писториус се смета за изненадување бидејќи се очекуваше поради соодветната застапеност во кабинетот повторно жена да застане на чело на Министерството за одбрана.

Опозициската ЦДУ/ЦСУ го критикуваше изборот на Писториус, кој до сега не се занимавал со прашањата на одбраната.

„Со овие избори канцеларот покажа дека не го сфаќа сериозно пресвртот што мора да се случи во одбранбениот систем. изјави Јохан Вадефул, потпретседател на пратеничката група на опозициската Унија ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот.

Позицијата министер за одбрана, поради големите проблеми со кои со години се борат германските вооружени сили, се смета дека е најнеблагодарната позиција во владата, а министрите на чело на овој ресор, како правило, ретко кога остануваат за целиот изборен мандат. По рускиот напад на Украина, канцеларот Шолц најави темелна реформа и модернизација на Бундесверот, за што беше издвоен фонд од 100 милијарди евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот