Газдата не им дава плата, „Службен весник“ се печати на друго место?!-работниците во печатницата „Напредок“ размислуваат да побараат стечај

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Фирмата не е загубар и во август и септември отпечатија и испорачаа дури 55 учебници за средното образование, а го печатеа и „Службен весник“

Вработените печатницата „Напредок“ од Тетово се оставени на милост и немилост како од сопственикот („Просветно дело“) така и од државните институции. Неколку месеци немаат земено плата, а на располагање им стои правната поддршка од Сојузот на синдикатите. Претседателот Слободан Трендафилов вели дека очекува од вработените да се изјаснат деновиве што ќе преземат, но за жал имаат многу малку опции на располагање, бидејќи тие му одработија и му заработија на газдата, а тој не им плати.

– Да бевме нормална држава, сопственикот ќе одговараше и кривично бидејќи им го одзел правото на плата на работниците. Сега тие ќе мора или да тужат поединечно, но знаејќи ги состојбите во судовите тоа ќе трае долго, другата можност е да продолжат да штрајкуваат или конечно да отворат стечајна постапка и според Законот за работните односи да бидат згрижени во Агенцијата за вработување во наредните 12 до 18 месеци за паричен надоместок. Очекуваме работниците деновиве да одлучат, а ние како ССМ ќе им помогнеме со сè што ќе побараат- објасни Трендафилов.

Педесетината вработени во печатницата повеќе месеци се без плата и без здравствено осигурување. Фирмата е во загубари, а во август и септември отпечатија и испорачаа дури 55 учебници за средното образование, а го печатеа и „Службен весник“.

-„Службен весник“ излегува, а една од неофицијалните информации што ја имаме е дека газдата го префрлил печатењето во друга печатница и не му е грижа за вработените, кои се главно од постарата генерација – додаде Трендафилов.

Претседателот на ССМ е дециден дека им останува да поведат стечајна постапка и како во претходните случаи на „Бетон“ и „Баргала“, да ги натераат газдите да ги намират своите долгови кон вработените, кои во најголем дел се меѓу 50 и 60-годишна возраст.

– Работниците ќе ги згрижиме преку Агенцијата за вработување, а ќе добијат и здравствено осигурување. Овој пат е подолг, но работодавачите ќе си го платат долгот. Се обидовме на сите начини, но нема соодветен одговор од државните институции, што е разочарувачки – истакна Трендафилов.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот