Гасот го замени мазутот како енергенс во 28 установи

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Во 28 објекти – градинки, основни и средни училишта, здравствени и административни објекти, сменети се системите за греење, ни одговори Владата на нашите прашања, по прозивките од повеќе страни дека не сторила доволно за заштита на животната средина во изминатата година.  

Од Владата велат дека не заборавиле на ветувањата дека мазутот во државните установи ќе биде заменет со поеколошки начини на греење. За таа намена биле потрошени 37,4 милиони денари.

Од Министерство за здравство информираат дека е гасифициран целиот Клинички центар „Мајка Тереза“, потоа ГОБ „8 Септември“, поликлиниката „Железарница“ во Скопје, болницата по гинекологија и акушерство во Чаир. Оваа грејна сезона овие установи ја почнаа со комплетно нов систем на загревање со течен гас.

Се најавува гасификација во текот на 2021 година на болниците во Битола, Тетово и во Куманово преку фондот на Европската Унија. Иако најавено уште лани, уште не е завршено гасифицирањето на болницата во Струмица.

Екологистите од „О2“ неодамна ја прозваа Владата дека не прави ништо за реализација на ветувањето од програма за борба против аерозагадувањето во која, меѓу другото стои дека „до 2024 ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење и дека нема ништо од најавеното намалување на загадувањето на воздухот за 50 проценти“.

Владата одговори дека за Планот за чист воздух годинава се потрошени 100 милиони денари, колку што се предвидени за имплементирање на мерките против аерозагадувањето и во 2021 година.

„За замена на постојните нееколошки начини на греење беа одвоени 50 милиони денари за подобрување на енергетската ефикасност – 45 милиони денари (замена на прозорци и врати и реконструкција на кровови и фасада), а за нои зелени површини 5 милиони денари“, објаснуваат од Владата.

За 2021 година повторно се предвидени 100 милиони денари за замена на нееколошки системи за греење, за зголемување на енергетската ефикасност и за обновување на урбано зеленило, дополнуваат од Владата. Се доделуваат ваучери за набавка на високоефикасни инвертер клима-уреди за домаќинствата во Скопје, Тетово, Битола и Кичево во вредност до 60.000 денари за секој. Годинава со вкупно 10 милиони денари субвенционирани беа дел од трошоците за печки на пелети во 454 домаќинства.

Во поглед на другите делови од Планот за чист воздух, велат од Влада, се работело и на измени законската регулатива, без притоа да се прецизира на кои закони мислат и дека биле зголемени казните за прекршоци во животната средина и бројот на инспекциски контроли.

Меѓутоа, поранешната пратеничка на ДОМ и коалициски партнер на сегашната владејачка коалиција, Лилјана Поповска, минатата недела обвини дека се кочи донесувањето закон за индустриски емисии, со што се штитат најголемите загадувачи.

Државниот инспекторат, за животна средина, пак, на чело со новата директорка Ана Петровска за само два месеца откако е на функција, реализираше десетици вонредни инспекциски надзори, кои пронашле многубројни неправилности во повеќе индустриски објекти како во кочански „Пејпер Мил“, во „Макстил“, како и во Клиничкиот центар во Скопје, за што биле определени и казни.

Соларни панели и во затворите

МВР во септември почна со монтажа на соларни системи за греење вода на сите објекти во Полицискиот центар Ѓорче Петров, со вредност од околу 3,5 милиони денари.

Со 18.700 евра донации од граѓани и 40.747 евра од Владата била реконструирана полициската станица во Жеровјане со поеколошки материјали, а реновирани се и одделенија и правната зграда во затворите во Идризово и во Тетово, село Волковија.

КПУ затвор „Скопје“ се подготвува целосна гасификација, а во истата установа се инсталирани соларни панели за загревање вода. Соларни панели се инсталирани и во затворите во Тетово, Битола, Штип, Гевгелија, Струмица, Охрид, Куманово и во КПД „Идризово“. Во текот на овој месец се менуваат прозорците со енергетско ефикасни во КПУ „Тетово“ и КПД „Струга“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот