Гасната интерконекција Србија-Бугарија наскоро ќе стартува пробно

Гасовод/ Фото Архива на Слободен печат

Министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ најави дека Гасната интерконекција Србија-Бугарија за неколку дена ќе биде пуштена во пробна работа, јави дописникот на МИА од Белград.

-Колегите од Министерството за рударство и енергетика веќе три недели се на терен, заедно со изведувачи и подизведувачи, да го следат навременото завршување на работите и исполнувањето на сите услови за да може гасоводот да биде пробно пуштен во употреба, што очекуваме да биде во наредните денови, рече Ѓедовиќ Хандановиќ

Ова е важно затоа што ги диверзифицираме нашите извори на снабдување со гас и потсети на договорот што Србија неодамна го потпиша во Азербејџан за испорака на околу 400 милиони кубни метри гас годишно.

Како што рече, на тоа количество гас Србија може да смета до 2026 година, а потоа на речиси три пати поголемо количество гас од таа земја, како и од Каспискиот регион, но и од Грција од ЛНГ терминалот.

-Тоа практично ќе ни даде уште еден извор на снабдување со гас, ќе ја зголеми нашата улога како транзитна земја, бидејќи преку Србија со гас се снабдува и Унгарија, но и другите земји од Европската унија и од регионот, рече таа.

Според Ѓедовиќ Хандановиќ, планот е да се изградат дополнителни гасни интерконекции, пред се со Северна Македонија, и тој проект е во подготовка.

Гасната интерконекција Србија-Бугарија е дел од пошироката иницијатива на ЕУ, односно Јужниот гасен коридор, кој има за цел да ја намали зависноста на Европа од рускиот гас.

Меѓусистемската гасна врска Бугарија-Србија (IBS) во Србија е долга 109 километри, а вкупната должина на двонасочниот гасовод низ двете земји е 170 километри, од Нови Искар кај Софија до Ниш.

Гасоводот ќе има капацитет од 1,8 милијарди кубни метри гас годишно и е проект од заеднички интерес за Европската унија. Вкупната вредност на гасниот интерконектор Ниш – Димитровград – Бугарија е 85,5 милиони евра, од кои Европската инвестициска банка дава 25 милиони евра во форма на заем, 49,6 милиони се неповратно кофинансирање на ЕУ од ИПА фондовите, додека останатите трошоци се покриени од буџетот на Србија и сопствени средства на ЈП „Србијагас“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот