
ГАЛЕРИЈА: Преполни се контејнерите во Карпош, граѓаните револтирани
И во Карпош, исто како и во останатите делов на Скопје, викендов контејнерите се преполни со смет. Граѓаните реагираат дека топлото време ја усложнува ситуацијата, па освен многу лошата глетка, околината ја нагрдува и исклучително непријатна миризба што се шири од контејнерите.
Препорачано

Јавните садови за отпад се преполни и на булеварите и во споредните улички во Карпош. Состојбата постојано се влошува затоа што граѓаните нонстоп го исфрлаат ѓубрето од своите домови, а јавниот сервис што треба да го однесе на депонија не функционира.

Од петокот дел од вработените во „Комунална хигиена“ протестираат и не доволуваат да се собира ѓубрето. Ноќеска имало протести пред објектот на градското претпријатие, а директорката Косана Мазнева викнала полиција.

Вработените трет ден одбиваат да работат со образложение дека Мазнева не им ги продолжила договорите на стотина работници. Таа пак, вели дека оние на кои не им ги продолжува договорите со години се неработници, а дел од нив и воопшто не доаѓале на работа, ангажирани со договор преку партиски врски.

Општините веќе реагираат на неподносливата состојба и бараат одговорните да најдат решение. Општина Аеродром до јавноста испрати фотографии од преполнетите контејнери и побара тие итно да се испразнат.
