
Фрлање песок в очи се најавите за законски измени за пироманијата
Владата сега се обидува да покаже активност. Немаме доволно податоци дека ова е дел од некаков терористички, конспиративен напад, повеќе личи на елементарен недостиг на професионалност, вели професорот по кривично право Гордан Калајџиев
Генерално, јас сум против вакви ад-хок решенија кои се водени од некои акутни ситуации да доведуваат до промена на важни закони како Кривичниот законик (КЗ). Мислам дека не треба да се избрзува, ниту да се поведуваме по некои конкретни ситуации. Мене ова повеќе ми личи на барање на оправдување, односно покажување дека, еве, сега ние нешто правиме на тој план. Работите на тој план не се прават така кампањски.
Ова е ставот на професорот по кривично право Гордан Калајџиев, по најавите на премиерот Христијан Мицкоски на законски измени со кои најстрого ќе се казнуваат подметнувањето пожар и фрлање ѓубре на недозволени места.
Кривичарот не се согласува со мислењето дека се потребни итни измени на КЗ и објаснува дека нашето законодавство покрива различни форми на загрозување кои може да се јават како тероризам, вклучително и палење, кога целта им е предизвикување на вознемирување на јавноста и дестабилизација на државата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Многу работи можат да бидат тероризам тогаш кога се насочени субјективно кон таа цел. Понекогаш е тешко, како кај „Монструм“, да се разграничи тероризам од некои други кривични дела, во тој случај, дела од омраза. Сметам дека тоа е доволно покриено и судската практика лесно може да го „хендла“ тоа. Мислам дека Владата сега се обидува да покаже активност. Ниту, пак, имаме доволно податоци дека сега ова е дел од некаков терористички, конспиративен напад врз државата. Од тоа што го знам, мене ми личи повеќе на елементарен недостиг на професионалност на самите фактори кои се занимаваат со депониите и сите придружни работи што треба да ги контролираат, инспекторати и слично. Конкретно, фирмата во Трубарево подолго време фунционирала без соодветни инспекции, без соодветни средства за заштита во случај на пожар. Проблемите повеќе се од тој тип на пропусти во организацијата. Ова за тероризмот мене ми изгледа само на фрлање песок в очи – вели Калајџиев.

За депониите, професорот смета дека таа проблематика е покриена со дела против еколошката средина кои, пак, се средени согласно европските директиви. Според Калајџиев, прашање е колку ние ги применуваме зашто, како што вели, во судската практика досега сме немале позначајни случаи. Професорот нагласува дека казните во тој дел се доволно строги.
– Реакциите дека сега ќе ги заостриме казните се, исто така, погрешни. Тоа не е најбитно. Ако на луѓето им е запретена казна од 10 или 20 години, тоа нема да направи битна разлика. Ним им е сеедно, а најголем дел, пак, воопшто и не знаат колкави се казните. На тој план повеќе треба да се работи на ширење на таа општа култура, нашата генерална култура на тој план е ниска. Срамота е во 21 век да не го двоиме ѓубрето – хартија од стакло. Владата си бара спас од ситуацијата, од сопствената одговорност дека, еве, сега ние нешто правиме, а тоа нема врска – вели Калајџиев.
Измените на Кривичниот законик (КЗ) со кои подметнувањето пожари ќе се квалификува како тероризам пред пратениците ќе се најде по локалните избори за да се спречи злоупотреба на собраниската говорница за терање предизборна кампања. Ова, брифираат собраниски извори, се сугестиите од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ до нивниот лидер Мицкоски, по серијата пожари на депонии и на електронски отпад во Скопје.

Тие, во разговор со премиерот му укажале дека подметнувањето пожари е опфатено како тероризам во КЗ. Образложението било дека ако законот влезе во собраниска процедура во ек на изборна кампања, парламентарните партии дебатата ќе ја искористат за кампања и за обвинувања и дискусии за сè и сешто, како што беше на последната собраниска седница за опозициски пратенички прашања. По локалните избори ќе почекаат и евентуалните измени на зкони во делот на заострување на казнената политика за депониите.
Во главата Кривични дела против државата, во член 313 во делот Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од Кривичниот законик пишува:
„Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години“.
Изминативе две недели во континуитет се потпалуваа депониите Вардариште и Дрисла, отпадот во Трубарево и сервис за автомобили во Пинтија. Премиерот за овие пожари рече дека центри на моќ стојат позади тоа и затоа ќе мора сериозно да се пристапи кон законски измени и носење на построги казни.