Ученици во Франција / Фото: EPA-EFE/Guillaume Horcajuelo

Франција: Тинејџер кој малтретирал трансродов ученик уапсен среде училница, родителите шокирани

Француската влада го бранеше апсењето на тинејџер во неговата училница кое се случи минатиот понеделник, што предизвика остри реакции кај многу ученици и родители, и покрај широката поддршка за кампањата за борба против врсничко насилство.

Според „Гардијан“, тинејџерот бил уапсен за време на часот и со лисици на рацете го извеле од училницата, по жалбата дека малтретирал трансродовиот врсник.

Полициски извор изјави за АФП дека одлуката за апсење била заснована на „исклучително сериозната природа на заканите што биле упатени и барале итна интервенција“. Конкретно, тинејџерот беше обвинет дека таргетирал трансродово дете од различно училиште, заканувајќи му се дека „ќе му го пресече грлото“, велејќи му дека „мрази од ваква личност“ и го повикал „да оди да се убие“.

Инцидентот, кој се случил во париското предградие Алфорвил, ги налутил соучениците на уапсениот 14-годишник, како и некои родители, кои се прашувале зошто апсењето морало да се изврши на теренот на училиштето, па дури и за време на часовите.

„Сè уште е тинејџер, малолетен. Тоа не се нормални работи… иако сум против тоа што се случило“, вели 39-годишната мајка на дете од истото училиште.

Според сведочењето на соученик на уапсениот, директорот тропнал на вратата од училницата и им најавил на децата дека ќе биде приведен. Потоа дошла полицијата и му ставила лисици на тинејџерот.

„Мислев дека е невозможно полицајците да влезат во училницата. Бевме шокирани, некои се смееја од нервоза“, рече ученикот.

Бранејќи ја одлуката на властите за апсење, владиниот портпарол Оливие Веран објасни дека сè е направено во согласност со сегашните политики за борба против навредливото однесување, а целта била да се испрати „многу силна порака“ за булингот.

„Вака ставаме крај на врсничкото насилство и навредливо однесување, вака ги штитиме нашите деца“, дециден е тој.

Дидие Жорж, од синдикатот на наставници, истакна дека иако се почитувале прописите за апсење, овој тип на интервенција не се препорачува.

„Здравиот разум налага таквите апсења да се случуваат надвор од училиште, дури и кога тие се целосно оправдани“.

Контроверзното апсење доаѓа неколку дена откако беше откриено дека службениците во образованието испратиле заканувачка порака до родителите на момчето кое тврдеше дека било малтретирано со месеци, велејќи им дека нивните јавни поплаки се неприфатливи и ги повикале да усвојат поконструктивно однесување“. Тинејџерот, кој се вика Николас и има 15 години, конечно си го одзеде животот откако се врати на училиште на 5 септември, ден по летниот распуст.

Министерот за образование Габриел Атал го нарече писмото „срамно“ и вети дека ќе ги засили владините напори за борба против врсничкото насилство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот