Хирургот-педофил Жоел Ле Скуернек / фото: RTL.be

Франција: Почнува судењето на хирургот-монструм, кој силувал 300 деца под анестезија

Францускиот хирург Жоел Ле Скуарнек (73) деновиве ќе се појави на суд поради обвиненијата дека силувал или сексуално злоупотребил стотици деца додека биле под анестезија. Најголем дел од жртвите се негови пациенти, пишува „Индепендент“.

Судењето на пензионираниот лекар ќе биде најголемото судење за педофилија во историјата на Франција.

Ле Скуарнек е обвинет за силување или сексуална злоупотреба на 299 деца, во периодот од 1989 до 2014 година во Бретања. Тој призна само некои од делата кои му се ставаат на товар. Судењето во Ван, северозападна Франција, доаѓа по долгогодишната истрага.

Се поставува прашањето дали Ле Скуарнек имал заштита од неговите колеги и од управата на болницата, бидејќи американското Федерално истражно биро (ФБИ) предупредило дека посетувал сајтови со детска порнографија. Но, болницата каде што работел му изрекла само условна казна.

„Би-би-си“ наведува дека семејството на Ле Скуарнек знаело дека е педофил, но не интервенирало.

Хирургот е во затвор од 2017 година, кога беше уапсен по обвинувањата дека ги силувал своите внуки и едно шестгодишно девојче и млад пациент. Во 2020 година, тој беше осуден на 15 години затвор. При претресот на неговиот дом полицијата пронашла над 300.000 фотографии од сексуална злоупотреба на деца, како и неговите дневници каде опишува детали од нападите врз своите пациенти во текот на 25 години. Тој тврдеше дека во дневниците ги опишувал само неговите фантазии.

Некои од неговите поранешни пациенти, сега возрасни, изјавија дека се сеќаваат дека лекарот ги допирал под изговор на преглед, понекогаш во присуство на нивните родители или други лекари. Бидејќи повеќето од неговите жртви биле под дејство на анестетици за време на нападите, тие не се сеќаваат на настаните и биле шокирани кога полицијата ги контактирала и ги известила дека нивните имиња се споменуваат во дневниците на Ле Скуарнек, заедно со деталните описи на злоупотребата.

Адвокатката Франческа Сата, која застапува неколку жртви, изјави дека меѓу нејзините клиенти се семејствата на двајца мажи кои се сеќавале на нападите и кои си ги одзеле животите. Додека адвокатот Фредерик Беноа, кој ја застапува групата за права на децата „Детски глас“, посочува дека биле направени клучни институционални и судски пропусти што му овозможиле на Ле Скуарнек да продолжи да ги злоупотребува децата со децении.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот