Фото: Принтскрин/Инстаграм

ФОТО+ВИДЕО | Ваква венчавка Балканот не видел ниту пред ниту потоа: Брена и Боба слават 33 години брак

Пред 33 години големо внимание предизвика раскошната свадба на балканска ѕвезда Лепа Брена и славниот тенисер Слободан Боба Живојиновиќ. Токму поради нивната свадба дневникот на тогашната телевизија Белград, имаше пренос во живо од венчавката која ја обиколи цела поранешна Југославија.

Судбоносното „да“ го изговорија на 7 декември 1991 година во хотел „Интерконтинентал“, кој беше најлуксузниот во тоа време. Свадбената забава со холивудски гламур била испланирана до најситниот детаљ.

Брена прво носела син фустан за матично, а подоцна облекла бела венчаница која била специјално дизајнирана за неа од модната куќа „Диор“, додека младоженецот од бел костум се пресоблекол во црн смокинг. На луксузната свадба присуствувале голем број естрадни личности, пејачи, водители, актери, спортисти, а интересно е тоа што не бил повикан ниту еден политичар.

Фото: Принтскрин/Инстаграм/Лепа Брена

Љубовната приказна на Лепа Брена и Слободан Боба Живојиновиќ започна во 1986 година, кога менаџерот на Брена, Рака Ѓокиќ, ги запознал по премиерата на првиот филм „Ајде да се сакаме“.

Како што се прераскажува, во таа прилика Брена го прегрнала Боба и му рекла: „Каде беше сите овие години?“. Пејачката признала дека сакала да ги забрза работите помеѓу нив, бидејќи во тој период и неговата и нејзината кариера биле во зенитот.


Нивната венчавка се одржа во далечната 1991 година, а за деталите од истата се зборува и денес – особено за една сцена. Тоа е моментот кога Брена го фрлила бидермаерот, а го фатила насмеаната Драгана Мирковиќ, која тогаш рекла дека е среќна поради бидермаерот, но дека сè уште нема намера да се мажи.

На венчавката на најголемата музичка ѕвезда на тогашна Југославија и успешниот тенисер присуствувале 600 гости. За нив било подготвено мени достојно за кралската палата – над 650 предјадења и главни јадења подготвени од главниот готвач и неговите 60 помошници. Гостите на венчавката уживале во фазан, телешки грб во сос од шампањ, чаден лосос на норвешки начин, но и во домашни специјалитети – биле испечени дури 22 прасиња и 55 јагниња.

Свадбената торта била на 5 спрата, украсена со рекети кои можат да се јадат и грамофонски плочи, а на богатото мени имало голем број познати странски и домашни јадења.

Освен преносот на телевизија, љубителите на овој пар можеле да купат и видео касета од нивната венчавка која била со наслов „Во името на љубовта, Брена и Боба“, а денес снимката од нивната свадба може да се најде и на jутјуб-каналот на Брена.

Најгламурозната свадба на 90-те години: Се продавале касети од венчавката на Лепа Брена и Боба (ВИДЕО)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот