
ФОТО+ВИДЕО | Босанската Барби е хит: Малечката Есма дизајнира и шие народни носии за кукли
Талентираното 11-годишно девојче Есма Гљива од Босна и Херцеговина ги користи своите неверојатни вештини за да ги трансформира обичните барбики во етно кукли, облечени во традиционални босански носии, пишува „24 сата“.
Препорачано
Оваа млада креативка е одлична ученичка, која во слободно време тренира таеквондо. Но, нејзината вистинска страст е фолклорот.

Есма пораснала опкружена со љубовта кон фолклорот и народните носии кои ги наследила од семејството, а тоа била една од причините поради која се одлучила за ова необично хоби.
Сè започнало за време на семејната посета на Мостар, каде додека шетала низ градот со своите родители, на излог забележала интересни етно кукли.
„Дојдов до оваа идеја кога се шетавме низ Мостар и кога видов барбики кои не беа вообичаено облечени. Се обидов да го направам тоа подобро и мислам дека успеав“, раскажала Есма.

Таа се обидува да ги направи сите народни носии од Босна и Херцеговина, па прави муслимански градски носии специфични за Добој, Гламоч и Столац, православни носии карактеристични за Сараево и католички од Крешево.
„Изработувам пет видови носии – муслимански, католички, православни, гламочки и линџо. Сите се посебни. На пример, муслиманската носија има димии (вид шалвари со широки ногавици) во разни бои со украси на елеците и појасите. Католичката е посебна поради наметката и долгиот фустан со тантела, а православната е посебна поради црните димии, црно-белите здолништа и свилените марами“, објаснила Есма и додала дека ѝ помага целото семејство.

Процесот на создавање на овие мали ремек-дела бара многу трпение и внимание. Есма прво добива кукли од пријатели и познаници, а потоа сама прави минијатурни народни носии, кои ги шие на мала машина за шиење што и ја купила баба ѝ Алма.
„За една кукла ми требаат два, три, па дури и четири часа. За мала кукла ми требаат помалку, за машките носии три и пол часа, а за женските – најмногу, бидејќи имааат најмногу детали“, вели Есма.

Девојчето ги продава своите изработки на социјалните медиуми, но не заработува многу. Цената на една кукла е 30 конвертабилни марки (околу 15 евра), а кога ќе се земат предвид материјалите што ги користи – не ѝ останува многу. Но, тоа не го прави за пари, туку за љубов кон фолклорот.
„Продавам кукли преку социјалните медиуми и ме контактираат луѓе од различни земји. Најмногу од Босна, но и од други земји – Канада, Шведска, Англија“, вели Есма.
ФОТО | Интервју со Дамјан Ристовски, чувар на македонскиот фолклор и ткајач на разбој