ФОТО | Интервју со Дамјан Ристовски, чувар на македонскиот фолклор и ткајач на разбој

Дамјан Ристовски/Приватна архива
Дамјан Ристовски/Колаж

Дамјан Ристовски е млад човек кој ја негува традицијата во време на „инстант вредности“. На 21 година го „собира“ културното наследство, го негува фолклорот и е единствен млад човек во земјава кој знае да ткае на разбој. Колекционер е на народни носии, песни, информации за стари обичаи и веќе има две книги кои го чекаат вистинскиот момент да бидат објавени. Разговорот со ова младо момче беше уживање, во „прегратките“ на Скопската чаршија, неговото омилено катче во градот.

Дамјан, од каде потекнува првичниот интерес, целата љубов кон фолклорот?

Дамјан Ристовски/Приватна архива
Дамјан Ристовски/Приватна архива

– Целата љубов тргна од дома, од многу мал. Кога знаеш кон што си насочен од најмала возраст, тоа е љубов која трае. Во трето одделение се запишав на играорна, во КУД „Орце Николов“, едно од постарите културно уметнички друштва во државата, а денес сум во студио „Фолклор“. Таму беа моите први почетоци и допир со фолклорот, музиката… Во 2016 година може да се рече дека првпат почнав да ги правам колекциите на носии и народни песни, обичаи, ора… Сѐ што ми нудеше теренот го собирав и така почна моето колекционерство. Тогаш официјално почнав да ги „впивам“ сите овие активности што ми се дел од животот и денес.

Со изборот на студии, сигурно го продолживте вашето патување низ фолклорот, но како тоа ви помогна во разбирањето на нашите претци?

– Бидејќи завршив средно музичко насока Традиционална музика и игра, некако ми се зацрта патот дека следен чекор ќе биде факултетот за антропологија и етнологија, а во моментов сум втора година на студии на ПМФ.

Тоа ми е надградување на мојот капацитет, затоа што од средно училиште имам некои основни познавања за фолклорот, а имавме и општ предмет Етнологија. Кога отидов на факултет, бев упатен во тоа што ќе го учам, веќе имав основа за тоа што ќе го изучувам. Сметам дека тоа е нешто што ме исполнува и што сакам да го учам, да го осознавам. Не е секој роден да се занимава со ова, особено кога материјата ни е дома, татковината, она што е наша историја. Тогаш и се решив дека ќе се посветам на зачувувањето на идентитетот и на македонскиот фолклор. Според мене, многу е важно да сакаш да одиш на терен, да одиш да собираш и запишуваш животни обичаи, настани, песни, да дознаваш нови работи за старите приказни. Ме радуваат средби со луѓе кои се добри информатори, кои знаат да ти покажат носија, да ти раскажат обичај… Теренот е преплоден, полн со приказни, само треба да си отворен и да истражуваш.

Дамјан Ристовски/Приватна архива
Дамјан Ристовски/Приватна архива

Како ги откривате сите тие теми за разговор? Како доаѓате до луѓето?

– Извор ми се сите постари интересни луѓе, бабите кои имаат големо искуство што го пренесуваат и подучуваат, постарата генерација која го изодела својот пат.  Случките од нивните животи, од војните до земјотресот… Поминале многу и може да ви дадат различни гледишта, различни искуства. Мојата баба ми е секако пример. На почетокот таа многу се противеше на мојот интерес, ми рече: „Јас избегав од ткаењето, ти ми го врати, тоа е веќе застарено, тешко, не треба да се мачиш“. И навистина, работењето со разбој сега никој не го прави, оти не е принуден да го прави. Порано немало од каде да се купува облека и морале да направат, што се вели, од почетокот на еден конец цело платно за да имаат што да носат.

Ткаењето на разбој е веќе „изумрена“ вештина. Како стигнавте до моментот да седнете на разбојот и како на музички инструмент, да „навезете проста и строга македонска песна“ од конци?

– Целиот интерес почна преку гледање видеа на Јутјуб, и тоа од Пиротски килимарки, жени кои ткаат многу познати килими од српскиот крај, каде има и Здружение на килимари. Од друга страна пак, во бугарскиот крај постојат Чипровските килимарки, каде исто така се прават традиционални килими и така се заинтересирав, дали воопшто кај нас има такво нешто. Прво ја прашав баба ми секако, која по потекло е Србинка, дали правеле ткаенина на разбој порано, на што таа ми рече: „Па како не, сите ткаевме, јас и кога дојдов тука, во оваа куќа, си го понесов разбојот со себе и тука ткаев, сите комшики од цела улица ткаеја“. Мене тука ми се отвори срцето, очите, ми дојде мисла зошто и јас да не почнам со нешто такво?

Дамјан Ристовски/Приватна архива
Дамјан Ристовски/Приватна архива

Првиот коментар на баба ми беше: „Kако ќе се занимаваш со тоа, тешка работа е“. И навистина, има многу подготовки за да може човек да седне и да почне да ткае на разбој. Купуваш конец, го сновеш (тегнеш, истегнуваш), го ткаеш на разбојот и сам правиш платно и после шиеш. Всушност, ти од конецот правиш сѐ. Од нивата, порано носеле памук, го чистеле, добро го чешлале, го ставале на „кудиља“ (или фурка), го тегнеле тенко и се шетале нагоре-надолу по цел ден, за да го исправат всушност конецот кој им бил потребен за ткаење. До ден-денес кога некој ќе рече „Што сновиш нагоре – надоле“ во стариот говор, мислејќи дека „губиш“ време насекаде, всушност, реферира на стариот обичај на исправување конец за разбој. Тие така правеле основа за платното, со соодветна големина и по потреба, а на разбојот се врзува во нитки и се „ткае“ целосниот изглед. Можеш да вметнуваш и нови конци, нови бои. Мене тоа ме фасцинираше. Како може селски жени, без да посетуваат какви било часови за уметност, да имаат таква совршена вештина на плетење, процес на изработка, складност на бои, форми… Во време кога навистина немале од каде да купат, морале да го прават тоа, едноставно биле родени за ја усовршат таа вештина.

Дамјан Ристовски/Приватна архива
Дамјан Ристовски/Приватна архива

Носиите како дел од убавината на „рубата“ порано биле редовен дел од секојдневната облека. Сега носијата се носи само како експонат или дел од настап.  Од колку делови е составена носијата?

– Секоја носија има поткошула и кошула, а има носија за маж и за жена. Женската носија е сочинета од поткошула која е со кратки ракави, а кошулата е над неа, и допира до глуждовите. Некаде по Втората светска војна, веќе се скратува до листовите на нозете. Врз секоја кошула се носи лигарник или „манта“ или „јакалк“, елек, врз нив појас или „ѕуница“, (термини од Овчеполскиот крај). Одозгора се носи скутина, колан од монистра, пафти од сребро (накит), чапрази (во Скопска Црна Гора), и секогаш дебели волнени чорапи.

Дамјан Ристовски/Приватна архива
Дамјан Ристовски/Приватна архива

Жените во Овчеполе носат кавраци, марами обрабени со свилен конец. Од коњскиот опаш се вадат влакна кои се мотаат со свила и се оплетуваат на марамите, за тантелата да стои исправена. Носат и полки, како сако кое од внатре има чиста кожа, некогаш ставале и лисица, да изгледаат модерно во тоа време. Носеле и турски парички и филигран како накит. Се носеле плетени ќустеци (ѓердани), а замислете некогаш се облекувале и по две кошули, две сакоа и две скутини. Тоа тежи, навистина е слоевита облека, но сите парчиња се одбрани со естетика, сите бои, сите елементи се целосно обмислени за целосен свечен изглед. Тамошните девојки носат и „антериче“ од кадифе, нешто како наметка. Секој дел од носијата е фасцинантен. Мене лично ми се омилени дебарската и крушевската, особено дебарската која е цела во розова боја. Интересно е што животниот процес и растење на човекот е „исткаен“ низ носијата. Така има носија за дете, девојче, девојка, невеста, свршеница, жена, баба. Секое време – различна носија.

Дамјан Ристовски/Приватна архива
Дамјан Ристовски/Приватна архива

Ги спомнавме деловите од носијата и дека сите делови градат една целина, еден идентитет на возраст, регион, значење. Кој дел или мотив од носиите ви е омилен, и зошто токму тој?

– Омилен мотив ми е зобанчето. Што е зобанче? Елек кој се носи над кошулата, а во горниот дел е богато украсен со огромни сребрени и златни копчиња, кои се шијат по дваесет на секоја страна, со долги завратени ракави од коприна и со раскошен изглед речиси како уметничка слика. Навистина изгледа прекрасно. Дарпната или пак, марамата е исто прекрасен дел од носијата, кој е секогаш живописен. Јас имам преку 100 пара носии, некои се купени, некои ми се подарени, но секое едно парче за мене е многу важно.

Дамјан Ристовски/Приватна архива
Дамјан Ристовски/Приватна архива

Ни споменавте дека веќе имате две книги, кои чекаат момент на објавување. Што се „крие“ во нив?

– Книгите се веќе подготвени, а едната се занимава со животот и обичаите од Овчеполието. Таму одев три-четири години, запознав една прекрасна жена, која ми стана како баба, раскажувачка и пренесувачка на информации. Се гледавме и ми раскажуваше неверојатни работи, сѐ ми објаснуваше како да ѝ се случува денес, таков тип на човек беше, сега, за жал, е почината. Ми ги раскажуваше обичаите, правењето свадби, како пеела на жетва. Од неа запишав и зачував преку 130 песни, а другото е текстови. Втората книга е посветена за село Кучково, за фамилија Стојковски. Тука обработувам тема на фамилијарното име, т.е едно „племе“, односно еден „род“. По скопски ова се нарекува „галабија“, сите што имаат исто презиме во една улица е една „галабија“. И двете книги се мое лично авторство, во соработка со Институтот за фолклор, со двајца рецезенти Родна Величковска и Стојанче Костов, и се надевам дека наскоро ќе ги објавам.

 

Дамјан, ние ти посакуваме успех во сите твои следни истражувања и нови приказни за традицијата!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот