
ФОТОГАЛЕРИЈА | Македонија не дозволи изненадување: Одбојкарите четврти пат во низа ќе играат Европско првенство!
Македонската одбојкарска репрезентација уште еднаш покажа класа и со убедлива победа над Грузија (3-0) обезбеди пласман на четвртото Европско првенство во низа. Избраниците на Јошко Миленкоски одиграа сигурно, дисциплинирано и со јасна цел билет за континенталниот собир.
Препорачано
Уште од самиот старт беше јасно кој ќе доминира. По воведните 1-1, Македонија направи серија од шест поени и поведе со 7-1, практично решавајќи го првиот сет уште во раната фаза. Гостите од Грузија не успеаа да се доближат на помалку од пет поени, па нашиот национален тим го освои сетот со убедливи 25-13.
Вториот сет донесе слична слика, без ниту едно водство за противникот. До резултат 5-5 Грузијците како да се обидуваа да парираат, но Македонија со нова мини-серија (4-0) брзо си ја врати контролата и не дозволи изненадувања. Иако Грузија освои три поени повеќе отколку во првиот сет, конечниот резултат пак беше во наша корист, 25-16.
Најмногу отпор Грузија покажа во третиот сет, во кој дури и водеше во неколку наврати. Но, откако резултатот беше израмнет на 12-12, капитенот Никола Ѓорѓиев застана на сервис линијата и со серија од шест последователни поени го сруши секое сомневање околу победникот. Сетот заврши со 25-17, а Македонија триумфално ја запечати влезницата за Европското првенство.
Ова ќе биде четврто учество во низа на „црвено-жолтите“ на големото натпреварување – уште еден показател дека македонската одбојка бележи стабилен и константен раст на европската сцена.











