Фото: Слободен печат / Валентина Живковиќ

ФОТО: „Визуелното“ загадување на Мицкоски вечерва ги удави скопјани – чадот од „Дрисла“ е како магла врз градот

Загадувањето од чадот кој се шири од пожарите на депониите „Дрисла“ и „Вардариште“ вечерва силно се чувствува во сите делови на Скопје, а жителите на главниот град залудно се молат да задува ветер од вистинската насока и да ги спаси.

Фото: Слободен печат / Валентина Живковиќ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на новинарската загриженост за здравјето на скопјани во услови на енормно загадување од двете големи депонии кои горат, одговори дека загадувањето не било алармантно, туку само визуелно така изгледало.

„Нема зголемени такви параметри кои што се алармантни. Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите не се така алармантни. Но, лошо е тоа да се прави. И ќе се прави и има причина зошто се прави. Затоа го поставив прашањето на кој му одговара да се случува сега? Кога ќе дадете одговор на ова прашање, ќе ви стане јасно кој и зошто тоа го прави“, рече премиерот во скандалозната и не докрај јасна изјава.

Фото: Слободен печат / Валентина Живковиќ
Фото: Слободен печат / Валентина Живковиќ

Наспроти премиерот, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вечерва сепак призна дека чадот од „Вардариште“ и „Дрисла“ удира и врз други сетила освен врз видот. Тој информира дека ветерот вечерва ја сменил насоката и задувал кон градот, што создало „силен непријатен мирис“.

„Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата „Дрисла“ во насока на Скопје, поради што во делови од градот се чувствува силен непријатен мирис. И вечерва, но и во текот продолжуваат активностите за затрупување на депонијата. Активностите за затрупување ќе бидат дополнително засилени рано наутро. За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија „Вардариште“, вели Ангелов.

Загадувањето во Скопје е регистрирано и од мерните станици чии податоци ги користи платформата „МојВоздух“.

Фото: Мојвоздух

Според сите релевантни светски истражувања, пожарите на депонии се меѓу најопасните, токму поради загадувањето на воздухот од согорување на отпад. Според нашите експерти, пожарите на депонии на кои се одлага неселектиран отпад, како „Дрисла“ и дивата „Вардариште“ се уште поопасни поради присуството на пластика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот