Фото: Слободен печат/ Ана Трифуновски

ФОТО + ВИДЕО | Авантура преку границата: Возбудливо патување од грчкото село Нимфео до националниот парк Пелистер

Патувањата вообичаено се задоволства кои луѓето ги реализираат во зависност од своите економски и временски можности, но секако се од оние „слатки задоволства“ кои ги посакува скоро секој човек кој живее на оваа планета. Луѓето патуваат од различни причини, но авантуристичките патувања остануваат длабоко врежани во нашите сеќавања.

„Слободен печат“ имаше единствена можност да биде дел од едно такво патувње. За првпат се сретнавме со областа Нимфео (Nymfaio) во Западна Грција и го посетивме нашиот национален парк Пелистер во Северна Македонија. Патувањето беше промоција на авантуристички активности од овој регион.

Проектот „Адвентур“ (advenTOUR), „Авантура преку границата“ беше организиран од Грчката национална туристичка организација (GNTO) во рамките на проектот „Интеррег“ (Interreg) ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија.

Идејата на ова промотивно патување е да се фокусира на развој на туризмот во две соседни земји, Република Грција и Република Северна Македонија, со цел да се истражат двата региони кои изобилуваат со природен и вештачки потенцијал, кој нуди одлично туристичко – авантуристичко искуство.

Нимфео – Фото: Слободен печат/ Ана Трифуновски

Прекуграничниот туризам ќе им овозможи на туристите да ги видат, истражат и почувствуваат раскошните природни убавини и културните карактеристики на двете соседни земји. Туристичка атракција која ќе ви овозможи да пробате нови авантуристички предизвици, како планинарење, качување по карпи, јавање коњи, собирање на диви печурки или возење на кану во локалните езера. И сето ова со дегустирње на прекрасна традиционална кујна која е карактеристична за овие две земји.

И навистина беше така, групата составена од петнаесетина вљубеници во патувањата, туристички работници, новинари, инфлуенсери… луѓе отворени за нови искуства, беше пример за тоа како во три дена можете да остварите нови пријателства и заеднички да создадете прекрасни спомени.

Пристигнавме во Нимфео, а првиот впечаток беше дека се наоѓате во некое измислено селце од сказните на браќата Грим. Нимфeo е планинско село, сместено на 1350 метри надморска височина во густо пошумените планини Верно. Нимфео е издвоено како едно од десетте најживописни села во Европа, според УНЕСКО и навистина е магична дестинација. Ова фасцинантно село со историја длабоко вкоренета во вековите е идеален амбиент за откривање на убавината на традицијата и природните убавини со кои е опкружено.

Нимфео – Фото: Слободен печат/ Ана Трифуновски

Куќите во Нимфео се изградени од камен, патеките се од калдрма, а опкружено е со букова шума, која го одзема здивот. Шармантна дестинација која комбинира извонредна убавина на природата и уникатна архитектура, чија автентичност е зачувана до денес.

Бевме сместени во гостинската куќа-хотел „Ла Моара“, импресивен објект што ја претставува архитектурата на локалитетот. Целиот хотел и собите беа комфорни, убаво уредени во традиционален стил и чисти, а целосниот впечаток беше како да сте се сместиле во место од бајките.

хотел „Ла Моара“ – Фото: Слободен печат/ Ана Трифуновски

Уште првиот ден имавме можност да ја посетиме локалната православна црква посветена на Св. Никола, покрај која се наоѓаат гробишта кои потекнуваат од 18-иот век. Го посетивме и Музејот на злато и сребро-ковачница, фолклор и историја, отворен во 2000-та година и лоциран во традиционална зграда во центарот на селото. Таму се запознавме со мебелот, занаетчискиот накит, автентичните носии, како и фотографии и други сувенири од историјата на селото и луѓето кои живееле во Нимфео.

Музеј, Нимфео – Фото: Слободен печат/ Ана Трифуновски

Денот немаше да биде целосно исполнет без малку адреналин и тоа во природна планинска атмосфера. Идејата беше да собираме печурки во шумата и потоа да ги подготвиме во вкусен оброк. Секако немаше пречки идејата да премине во реализација, па така по прошетката низ прекрасните шумски пејсажи успеавме да најдеме неколку диви печурки. За тоа се погрижи сертифициран стручњак во областа на дивите печурки, кој беше заслужен за вкусниот и безбеден оброк и тоа подготвен во природни услови. Иако лично чувствував нелагодност да изедам повеќе видови на диви печурки, морам да признаам дека никогаш пред тоа немав пробано толку вкусен оброк од печурки.

Фото: Слободен печат/ Ана Трифуновски

Денот заврши со гастрономско уживање во локалниот ресторан „О мега тигрис“ (O MEGA TIGRIS) во Нимфео, каде имавме можност да пробаме повеќе различни традиционални специјалитети и вино. Го запознавме и главниот готвач, кој љубезно ни се заблагодари за тоа што бевме нивни гости и се потруди да ни го понуди најдоброто што го имаат.

Веќе вториот ден беше резервиран за посета на националниот парк Пелистер и градот Битола, а патот до таму беше пријатен и траеше околу час, до час и половина, се разбира со преминување на граничниот премин Меџитлија, каде немаше никакви задржувања.

Бевме пречекани од службениците на националниот парк, кои се ангажирани да го чуваат непроценливото природно богатство на Пелистер. Го посетивме авантуристичкиот парк на Пелистер кој е во завршна фаза на реализација. Ги посетивме и ги разгледавме авантуристичките паркови за возрасни и деца, а одговорните лица ни ја презентираа поставката намената за флората и фауната на Пелистер во рамките на Инфо-центарот. Секако моравме да ја почувствуваме магијата на планинарењето, па решивме да одиме пеш низ шумската патека покрај авантуристичкиот парк до хотелот „Молика“. Прекрасните пејсажи од недопрената природа, опкружени со борова шума и примероци од реткиот вид на борови дрвја молика, го заокружија прекрасното и незаборавно искуство во паркот.

Национален парк Пелистер – Фото: Слободен печат/ Ана Трифуновски

Следна дестинација беше градот на конзулите, нашата прекрасна Битола. Со оглед на убавото сончево време, Битола ја видовме во полн сјај. Широк сокак, срцето на градот, расокошен со своите архитектонски дела и градби, коишто го красат градот уште од турско време и битолчани како и секогаш дотерани и расположени, го дополнија неповторливиот дух на градот. Се разбира посетата ја заокруживме со ручек во еден од битолските ресторани, каде се бараше место повеќе.

Битола – Фото: Слободен печат/ Ана Трифуновски

По час и половина пат назад до Република Грција, следна дестинација која ја посетивме беше езерото Зазари. Сместено во јужниот дел на Лерин, езерото е скриен скапоцен камен кој го одзема здивот. Малото езеро е дом на исклучителни природни убавини и официјално е заштитено како едно од најважните водни површини во северна Грција. Со оглед на убавото време, планот да возиме кану по езерото, беше реализиран и тоа на огромно задоволство на сите. Искуство кое топло го препорачувам доколку решите да го посетите езерото Зазари. Неговата просечна длабочина се проценува на 4,6 метри, а се карактеризира со топли извори кои се наоѓаат на север од езерото, што довело до развој на термални бањи, што значи дека водата има температура од околу 23 степени и е безбедна и погодна и за капење.

Езеро Зазари – Фото: Слободен печат/ Ана Трифуновски

Конечно вториот ден го завршивме со вечера во традиционалната грчка таверна „То Дипорто“ (To Diporto) уживајќи во уште еден грчки специјалитет во прекрасна и топла атмосфера.

Третиот и последен ден од ова авантуристичко патување беше резервиран за посета на уште неколку интерсни локации, кои се од огромно значење за развој на целиот проект. Го посетивме еколошкиот центар АРКТУРОС (ARCTUROS), кој управува со центарот за заштита на животната средина за кафеави мечки и волци, кој се наоѓа на еден и пол километар од селото Нимфео. Центарот е дом на 24 мечки кои се спасени од заложништво, користени како танцувачки мечки, кои за жал не можат да преживеат во дивина. Меѓу другите активности на АРКТУРОС, приоритет е даден на научното истражување, како и на обезбедувањето еколошка едукација и подигање на јавната свест за прашања како што се биолошката разновидност и одржливост.

Еколошкиот центар АРКТУРОС – Фото: Слободен печат/ Ана Трифуновски

Следната локација која ја посетивме беше кампот Y.M.C.A. кој уште во 1990 година ја започнал својата програма во Нимфео. Сместен во прекрасна планинска област, програмата на кампот вклучува јавање коњи, планински велосипедизам, езерски активности итн. Од 1995 година, тој работи на локација во приватна сопственост од 4 хектари. Сите објекти се во хармонија со природната средина, почитувајќи ја традиционалната архитектура на регионот. Во овој камп центар, инфраструктурните работи ќе се одвиваат според студијата што е изработена со цел да се прошири понудата за сместување во руралните средини, како и да се продолжи сезоната на туристи во овој дел од Грција.

По посетата на кампот каде се дискутираше за следните планови и развој на проектот „Адвнетур“ се упативме кон винаријата „Алфа естејт“ (Alpha Estate Winery), каде бевме пречекани од љубезните домаќини кои ни ја претставија историјата и работата на винаријата и секако уживавме во дегустација на нивните најдобри вина. Винаријата е релативно нова, основана во 1997 година од страна на искусниот лозар Макис Мавридис и хемичарот-енолог Ангелос Иатридис, кој по долгогодишно искуство на различни локации во Грција и во странство, го избрал регионот Аминдеон за да создаде свое вино. Дури и за лаици, кои за првпат се сретнуваат со деликатниот процес на создавање квалитетно вино, винаријата и тимот кој раководи со неа, ни оставија впечаток дека навистина добро си ја знаат работата, која се извршува по светски стандари и во одлични услови. Резултатот е секако квалитено бело, розе и црвено вино.

Винарија „Алфа естејт“ – Фото: Слободен печат/ Ана Трифуновски

Последната дестинација пред да се разделиме со новите пријатели кои ги стекнавме во овие интересни три дена, се разбира беше уште една грчка таверна „О Томас“ (O Thomas), каде имавме прилика да ги сумираме впечатоците и да споделиме свои мислења за тоа како овој проект би можел подобро да се развива во иднина. Речиси без никакви забелешки, едногласно се сложивме дека патувањето ги надмина нашите очекувања и секако топло го препорачуваме на сите љубители на ваков тип патувања и авантури. Одлична прилика да се запознаат две различни култури, традиции, раскошни природни убавини и активности кои ќе прераснат во убави и незаборавни спомени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот