
ФОТО | Симбол на богатство и политичка моќ: Замок откриен по повеќе од 700 години во Шкотска
Археолози на шкотскиот остров Ајлеј открија остатоци од „заборавен“ замок стар повеќе од 700 години, кој некогаш бил дом на кралеви кои владееле со големи делови од западна Шкотска.
Препорачано
Тврдината, сместена на два мали острови во езерото Лох Финлаган, некогаш била седиште на моќниот клан Макдоналд, познати како Господари на Островите, пишува „Дејли рекорд“.
Лох Финлаган, со своите два клучни острови, Елеан Мор (Голем Остров) и Елеан на Комхарл (Остров на Советот), бил церемонијален и административен центар на Господарите на Островите. Овие моќни владетели, кои на галски се нарекувале „Ри Инсе Гал“ (Крал на Островите), владееле речиси независно од шкотската круна од 14-ти до 15-ти век. Своето влијание го ширеле од Хебридите на копното, контролирајќи го Аргил и делови од северозападните висорамнини, и се сметале за еднакви на англиските и шкотските кралеви. На Островот на Советот ги донесувале законите и издавале повелби, а пронајдените археолошки докази, како клучеви и железни делови од ковчези, ја потврдуваат неговата важност како административен и судски центар.
Ископувањата го открија постоењето на постар, досега непознат кралски замок од 12-ти и 13-ти век, кој му претходи на врвот на моќта на кланот Макдоналд. Комплексот се протегал на двата острови, поврзани со насип или мост.

На поголемиот остров се наоѓала масивна камена кула со правоаголна основа, со димензии приближно 19 на 19 метри. Нејзината големина е споредлива со големите кули на англиските замоци како тие во Карлајл и Бамбург. Вакви градби во Велика Британија и Ирска граделе исклучиво големи англо-француски господари и кралеви, што укажува на тоа дека замокот во Финлаган бил силен доказ за богатство и политичка моќ.
Вториот остров содржел дворови со кујни, работилници, капела со гробишта и голема сала за гозби – елементи кои обично се наоѓаат само во кралски резиденции. Се смета дека овој постар замок подоцна бил урнат, било поради непријателски напад или структурна нестабилност, пред на негово место да се изгради палатата на Господарите на Островите.
Овие неверојатни резултати се објавени во книгата „Археологијата на Финлаган“, издадена од Друштвото на антиквари на Шкотска. Книгата е круна на истражувањето што го водеше д-р Дејвид Калдвел во име на Националните музеи на Шкотска, а кое започна уште во 1989 година. Археолошките ископувања траеле до 1998 година, по што следела анализа на собраните податоци која траела речиси три децении.
„Обработката на сите собрани податоци беше голем дел од мојот живот уште од 1990-тите. Се надевам дека не понудив само интересна презентација, туку и основа за идни истражувања“, изјавил д-р Калдвел.
Проектот ја потврди улогата на Финлаган како клучно место од национално значење, а во него во 1994 година учествуваа и стручњаци од една позната археолошка ТВ серија.
Моќта на Господарите на Островите завршила кон крајот на 15-ти век, кога шкотскиот крал Џејмс Четврти испрати воена експедиција да го уништи нивното седиште во Финлаган.