ФОТО | Селото Виножито е едно од најшарените места во светот: Еден човек цртајќи ги куќите го спасил од уривање

Фото: Flickr/Andy Enero

Секоја куќа во селото Виножито е мало уметничко дело. Фасадите во интензивни бои, обоени до најмалите детали, се вклопуваат со шарени прозорци, врати, па дури и земјата. Оваа неверојатна глетка се наоѓа во Тајван, а неофицијалното име по кое местото стана познато е „Rainbow Village“.

Исполнето со прекрасни мурали и графити, оваа локација во градот Таичунг стана една од најголемите атракции во земјата. Приказната за потеклото на селото е фасцинантна ода на визијата на еден човек кој не сакал да се откаже кога сите околу него се откажале од населбата, пишува „Путникофер“.

Фото: Flickr/Nico Kaiser

Населбата некогаш била наменско воено село, создадено со цел да обезбеди сместување за војниците за време на војната против Кина во 1940-тите и 1950-тите. Такви села постоеле низ целиот остров, а некои од нив на крајот станале постојани домови за војниците и нивните семејства. Со текот на времето, куќите станале трошни, а градежните инвеститори се насобрале на локацијата. Почнале да купуваат куќи и земјиште, што многу жители на селото го прифатија. Но, не и Хуанг Јунг-Фу, познат денес како „Дедо Виножито“, кој почнал да ги црта куќите за да ги спаси од уривање.

Со текот на времето започнало масовното иселување на жителите на селото кое некогаш имало дури 1200 домови. Останале само 11 куќи и Хуанг почнал да ги бојадисува, од една страна за да си го исполни времето, затоа што останал без пријатели и соседи, но и да го направи селото поубаво и на тој начин, можеби, да го заштити од багери. Првото уметничко дело што го направил е птица во неговата куќа, а со текот на времето ги обоил сите преостанати куќи во светли бои. Негови најчести мотиви се птици, животни и луѓе, на позадини на светли нијанси на жолта, црвена, зелена… Хуанг Јунг-Фу е роден во 1924 година, бил војник, но неговиот уметнички талент бил познат уште од младоста.

Фото: Flickr/ Claire Backhouse

Работата на Хуанг ја откриле студенти од локалниот универзитет. Тие биле целосно воодушевени и започнале кампања за спас на селото. Надлежните се согласиле селото да се зачува и да се претвори во културно обележје. Со зајакнувањето на социјалните мрежи и појавата на Инстаграм успеале во тоа. Речиси ниту еден патник не поминува низ оваа земја без да застане да направи селфи опкружен со шарениот свет на Хуанг. Од 2010 година селото на Хунаг е вистинска атракција, прогласено е за јавен парк и веќе никој не ни помислил да го урне. Сепак, денес не е во првобитната форма поради инцидент што се случил во 2022 година.

Во време кога Тајван бил затворен за туристи поради пандемијата на корона-вирусот, било најавено дека селото ќе биде темелно реновирано. Морало да се зајакнат ѕидовите и да се зголеми безбедноста на посетителите. Но, едно видеото открило дека за време на работите биле уништени некои од оригиналните мурали на Хуанг, што предизвика огромна реакција кај јавноста, како и кај самиот уметник, кој сега има речиси 100 години. За пустошот бил обвинет Веи Пи-Џен, кој го презел управувањето со селото кога Хуанг се откажал од својата позиција поради возраста. Вкупно 14 лица биле приведени во полиција. Самиот Хуанг реагирал и изјавил за локалните медиуми дека неговото животно дело е уништено. Обвинетите, пак, тврделе дека не ги прекриле неговите оригинални дела.

Фото: Flickr/ Claire Backhouse

По неколку одложувања, селото конечно било повторно отворено за јавноста во јуни 2023 година. Според пишувањата на медиумите, тоа е обновено за да изгледа речиси идентично, но некои од делата на Хуанг се поправени по вандализмот. Влезот во селото не се наплатува, но може да се остави донација. Меѓу обоените згради има и две сувенирници, а има и штандови за храна и пијалоци. Иако селото е мало, а турата не трае повеќе од дваесет минути, посетителите поминуваат многу повеќе време таму, се фотографираат, пијат кафе и уживаат во живописните предели. Пред пандемијата, селото го посетувале околу милион луѓе годишно.

Фото: Wikimedia Commons/ Zairon

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот