
ФОТО: РК Алкалоид го промовираше Кире Лазаров: Чест е ми што во раце ќе имам ваков проект
Денеска на прес конференција беше промовиран новиот тренер на ракометниот клуб Алкалоид, легендата на македонскиот ракомет Кирил Лазаров кој ќе го води клубот од новата натпреварувачка сезона 2022/2023.
Препорачано
Експресно лани играчите на РК Алкалоид обезбедија влез во Суперлигата во која влегуваат со нови амбиции, со цел да се претстави што е можно подобро оваа нова спортска приказна.
Покрај Лазаров, беа претставени и осум нови играчи на тимот, тие се Давид Димевски, Александар Петковски, Никола Маркоски, Михајло Младеновиќ, Едвин Омерагиќ, Марко Митев и голманите Благојче Трајкоски и Јане Цветковски.
Клубот е во 100% сопственост на фармацевтската компанија „Алкалоид“ предводена од генералниот директор и претседател на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов. Амбициите на клубот сезонава се влез во плеј-офот, ќе играат во групата „А“ заедно со Вардар 1961, Вардар Неготино, МРК Куманово, Прилеп, Струга, Бутел Скопје и ГРК Охрид.



– Чест ми е што ќе го водам ракометниот клуб Алкалоид како главен тренер на екипата. Чест ми е и задоволство што во раце ќе имам ваков проект, што ќе работам во Македонија. Не се двоумев дали да ја прифатам поканата, ќе се обидам да придонесам со сето мое знаење и искуство што го стекнав во Европа и светот да го споделам и во мојата земја. Ни требаат повеќе вакви концепти за во иднина да имаме подобра ракометна иднина. Влегувам со желба, посветен, за Алкалоид, за ракометот и спортот воопшто во Македонија – рече Лазаров.

Претседателот на РК Алкалоид, Горан Минов вели дека РК Алкалоид е долгорочен проект кој стартуваше во текот на минатата сезона.
– Велат дека ракометот е лесен за учење, но сигурно е тежок за усовршување. Целта ќе биде да применуваме современи методи на работа, тренинг. Се подигне формата и на тој изградиме професионални, конкурентни ракометари кои ќе можат да одговорат на предизвикот. Лани експресно влеговме во Суперлигата, минатата сезона почнавме со Љубомир Савевски кој ќе остане како спортски директор за развој на клубот. Горди сме што го избравме човекот кој живее за ракометот, тоа е Кирил Лазаров – вели Минов.

Капитен на екипата е 22-годишниот среден бек, Игор Ѓоргиев кој ги сподели очекувањата за новата сезона.
– Владее одлична атмосфера во екипата. Целта ќе биде на натпреварите да играме еден добар и современ ракомет. Воедно надежите дека ќе се најдеме во плеј-офот на македонската Суперлига – се зборовите на Ѓоргиев.
Амбициите ги сподели и едно од новите засилувања, пивотот Никола Маркоски.
– Имаме една млада и одлична екипа, составена од македонски играчи и одличен стручен штаб. Условите во клубот се на високо професионално ниво. Посакуваме да се пласираме во плеј-офот, а доколку ни се укаже шанса и да обезбедиме влез во Европа – вели Маркоски.