
ФОТО | Ова се новите Хари, Рон и Хермиона: Претставена актерската постава на новата серија за Хари Потер
По долга и исцрпна потрага, Ејч-би-о конечно ги претстави новите лица што ќе ги оживеат најсаканите ликови од магичниот свет на Хогвортс. Во новата телевизиска адаптација на култната сага за Хари Потер, улогите на тројцата главни јунаци ќе ги толкуваат млади и досега непознати актери: Доминик Меклохлин како Хари Потер, Аластер Стаут како Рон Визли и Арабела Стентон како Хермиона Грејнџер, пренесе „Гардијан“.
Препорачано
Изборот е резултат на отворен кастинг повик за деца на возраст од 9 до 11 години, кој привлече десетици илјади талентирани учесници од цела Велика Британија. Луси Биван и Емили Брокман, кои се погрижија за кастингот, и режисерот Марк Мајлод велат дека се воодушевени од свежината и талентот што овие тројца млади актери го внесуваат во проектот.
„Талентот на овие три уникатни деца е прекрасно нешто што треба да се доживее. Со нетрпение очекуваме светот да ја види нивната магија на екран. Им благодариме на сите илјадници деца што се пријавија – вистинско задоволство беше да се види колку многу млад талент постои денес“, изјавија Гардинер и Мајлод во соопштението.

Телевизиската серија, чија премиера се очекува во 2026 година, ќе биде „верна адаптација“ на оригиналните книги на Џ. К. Роулинг, најавуваат од продукцијата. Секоја сезона ќе биде посветена на една книга од серијалот, а серијата е замислена да трае најмалку десет години. Проектот ќе се емитува на платформата Макс, а класичните филмови ќе останат достапни како дел од франшизата.
Исто така, веќе се познати имињата на неколку големи актери кои ќе ги толкуваат возрасните ликови. Албус Дамблдор, директорот на Хогвортс, ќе го игра славниот Џон Литгоу, додека Папа Есиеду ќе биде Северус Снејп, Џенет Мактир – Минерва Мекгонегал, а Ник Фрост ќе влезе во улогата на Рубеус Хагрид. Лук Талон ќе го глуми професорот Квирел, а Пол Вајтхаус – стражарот Аргус Филч.
Џ. К. Роулинг, која и понатаму ги задржува правата врз интелектуалната сопственост на светот на Хари Потер, ќе биде извршна продуцентка на серијата. Нејзиното вклучување, сепак, продолжува да предизвикува поделби во јавноста поради нејзините контроверзни ставови во врска со трансродовите прашања, ставови што доведоа до јавно дистанцирање од страна на тројцата главни актери од оригиналната филмска сага.