
ФОТО | Нема кој да ги скроти „камиказите“ на електрични тротинети!
Само во првата половина од 2025 година биле регистрирани 53 сообраќајни незгоди со електрични тротинети. Притоа настрадале 46 лица: едно починало, со тешки телесни повреди се здобиле десетмина, од кои шест биле деца, а уште 35 лица завршиле со полесни повреди, меѓу нив и десетмина малолетници. Според МВР, од 1 јануари до 31 август 2025 биле изречени 148 парични казни против возачи на електрични тротинети.
Пешак стои на автобуска постојка, а одеднаш со голема брзина покрај него минува електричен тротинет. На него се качени двајца тинејџери, еден од нив нестабилно и возбудено управува со возилото додека се пробива меѓу луѓето. Тротоарот е пешачка зона, но тинејџерот не може да заобиколи, бидејќи велосипедската патека е блокирана од непрописно паркирано возило. Оваа сцена изгледа како ситна урбана анегдота, но всушност е секојдневие што често знае да заврши и со сообраќајка, па и со тешки повреди.
Препорачано
Колку се опасни електричните тротинети во сообраќајот, кои правила најчесто се прекршуваат и дали воопшто можат да бидат безбедни во непредвидени ситуации?
— Пред неколку денови стоев на тротоар и одеднаш ме одминаа пет-шест тротинети со деца што се тркаа. Едниот за малку ќе удреше во мене ако не се завртев навреме и не ги видов. Не знам како ова стана нормално во последно време, цел ден бев вознемирена — раскажува Анастасија од Скопје за „Слободен печат“.
Слично искуство има и Влатко од Аеродром.
— Секој ден внимавам. Има и родители што си ги возат децата на електричен тротинет, еднаш видов и тројца на тротинет. Ајде што е опасно, тротинет не може да поднесе толкава тежина и да биде флексибилен за управување, но кој е тој родител, кој со цел памет си го изложува детето на таква опасност? – прашува Влатко.
Речиси секојдневно во полициските билтени има барем по една сообраќајна несреќа во која учествува електричен тротинет, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „Слободен печат“. Според нивните официјални податоци, само во првата половина од 2025 година биле регистрирани 53 сообраќајни незгоди со овие возила. Притоа настрадале 46 лица – едно починало, со тешки телесни повреди се здобиле десетмина, од кои шест биле деца, а уште 35 лица завршиле со полесни повреди, меѓу нив и десетмина малолетници.

Македонските закони имаат одредби за електричните тротинети. Според Законот за безбедност на сообраќајот, тие се дефинирани како возила со најмалку две тркала и електромотор, велат од МВР. Дозволено е тротинетите да се движат по велосипедска патека или по лента, а ако такви нема – по пешачка патека. Максималната брзина им е ограничена на 25 километри на час ако возат по велосипедска патека, но само 6 километри на час ако се движат по тротоар или во пешачка зона. Ако двајца или повеќе возачи на електричен тротинет се движат во група, должни се да се движат еден зад друг.
Возачите мора да имаат најмалку 14 години, да носат кацига, а во услови на намалена видливост и рефлективен елек. Забрането е за време на возењето да се користат слушалки или мобилен телефон, како и да се превезуваат предмети што ја загрозуваат стабилноста на возилото, или водење животни. Исто така, не смее да се возат двајца на еден тротинет. Казните за прекршување на овие правила се движат од 50 до 120 евра, а ако прекршител е дете, глобата ја плаќа родителот или старателот, велат од МВР.
Од МВР информираат дека во периодот од 1 јануари до 31 август 2025 година биле изречени вкупно 148 прекршочни санкции против возачи на електрични тротинети. Казните за овие прекршоци се движат од 50 до 120 евра.
Какви се правилата во регионот?
Соседна Србија веќе воведе далеку построг режим. Таму од 15 јуни 2024 година во сообраќајот смеат да учествуваат само регистрирани лесни електрични возила. Покрај регистрацијата, Србија пропиша и високи казни за прекршителите: возење со повеќе од 10 километри на час на пешачко-велосипедска патека чини околу 25 евра, возење со слушалки – 25 евра, двајца на еден тротинет – 45 евра, возење по тротоар – 85 евра. Возачите без светло или без рефлективен елек плаќаат 85 евра, додека за возење по автопат следи казна од дури 855 евра и можност за затвор, објави српски Блиц.
Слични правила постојат и во регионот. Во Косово, лица под 16 години воопшто не смеат да управуваат со тротинет, а дозволената брзина е ограничена на 25 километри на час. Дополнително, возилата мора да имаат исправни светла и сопирачки.
Бугарија воведе забрана за ноќно возење електрични возила, вклучително и за тротинети, како и задолжителна полиса за осигурување.

Општина Атина во Грција, на пример, за првпат подготвува регулирање на управувањето со електрични тротинети поради растечките безбедносни ризици и хаотичните услови на улиците. Од септември годинава има нови ограничувања со дефинирани зони за паркирање и брзински лимити. Планирани се 124 паркинг-зони со околу 1.700 места за кои операторите ќе плаќаат надоместок. Иако сега важат правила за максимална брзина од 6 километри на час на тротоари за корисници над 12 години и 25 километри на час на патишта за лица над 16 години, со задолжителна кацига, градските власти сметаат дека досегашните законски норми не се доволни. Според податоци на Европскиот совет за транспортна безбедност, во земјите на ЕУ бројот на сериозни повреди од микромобилност (поим за сите мали и лесни превозни средства) пораснал од 3.799 во 2021 година на 5.377 во 2022 година, со 119 смртни случаи со тротинети во 22 земји, објави грчкиот весник Екатимерини.
Во Албанија, иако постои предлог-законско решение минималната возраст за возење електричен тротинет да биде 16 години, тоа сѐ уште не е усвоено. Овие возила често се движат и на меѓуградски патишта, без стандарди и документи, а досега се изречени над 600 казни. Експертите оттаму предупредуваат дека без јасна регулатива, лиценци и осигурување за побрзите модели, тротинетите може да прераснат во „тивок извор на трагедии“ на патиштата.
Колку се безбедни тротинетите?
Експертите предупредуваат дека електричните тротинети се стабилни само со умерени брзини. Малите тркала, краткото растојание меѓу нив и високото тежиште ги прават многу чувствителни при нагли маневри. На брзина од 30 километри на час, дури и мало камче може да предизвика пад, а при нагло сопирање, возачот лесно може да биде исфрлен напред.
Едно истражување во Австрија покажа голем раст на несреќи со електрични тротинети: во периодот од 2018 до 2021, дури 1.337 луѓе завршиле во болница, најмногу мажи со просечна возраст од 32 години. Третина од повредените имале сериозни повреди, како скршеници и потреси на мозок, а кацига носеле само 13,7 отсто од возачите. Истражувањето открива дека носењето кацига речиси двојно го намалува ризикот од повреди на главата, но и покрај тоа, во само три години бројот на пациенти пораснал 19 пати, најмногу во летните месеци. Најчести се повредите на главата, на лицето и на екстремитетите во сообраќајките во кои учествуваат електрични тротинети.

Европската комисија во тематски извештај од 2024 година укажува дека возењето без кацига, слабата видливост и неосветлената и неадекватна инфраструктура, како и управувањето под дејство на алкохол, значително го зголемуваат ризикот од тешки несреќи. Затоа се препорачува подобро осветлување, јасни правила за тоа каде смеат да се движат тротинетите, контрола на брзината и алкохолизираноста, како и зголемување на употребата на заштитна опрема.
Македонија има основна рамка за користење електрични тротинети, но бројките покажуваат дека таа не е доволна. Србија и други земји од регионот воведоа регистрација и построги казни, додека кај нас полицијата бележи нови инциденти речиси секој ден.
Дополнително, експертите предупредуваат дека без подобра инфраструктура, задолжителна обука и доследна контрола, дури и најдобрите закони остануваат само на хартија. Воведувањето паркинг-зони, ограничувања на брзината со технички средства и задолжителната заштитна опрема може да ја намали црната статистика.