Визуелно решение за Универзална сала / Фото: Министерство за култура

ФОТО | Љутков: Култниот симбол на Скопје ќе биде целосно модернизиран – Универзална сала ќе биде готова до 2027 година

Новата Универзална сала во Скопје ќе ја задржи постоечката форма со цел почитување на колективната меморија, но ќе биде целосно модернизирана со капацитет од 1.200 седишта, современа акустика и нови технолошки системи, најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на денешната презентација на проектот.

„Ова ќе биде модерен и функционален објект што ќе го врати значењето на оваа култна локација и ќе ѝ даде нова енергија на културната сцена во Скопје. Универзалната сала ќе стане симбол на културна размена, креативност и заедништво, достапна за сите граѓани,“ изјави Љутков.

Визуелно решение за Универзална сала / Фото: Министерство за култура

Проектот предвидува нова просторна акустика, сценска техника, лед осветлување, аудио-видео и електрични инсталации, како и современи материјали во ентериерот и екстериерот. Планирано е и енергетски ефикасно решение, како и ново хортикултурно уредување.

Според министерот, изборот на изведувач и надзор ќе биде завршен до октомври, а изградбата ќе се реализира по системот „клуч на рака“. Се очекува салата да биде готова до крајот на 2027 година, со што во 2028 ќе може да ја пречека програмата за „Скопје – Европска престолнина на културата“.

Визуелно решение за Универзална сала / Фото: Министерство за култура

Инвестицијата се проценува на 20 милиони евра.

Проектантот Бујар Муча појасни дека е задржан концептот на гледалиштето и влезовите, но бројот на редови е намален за поголем комфор и безбедност.

„Со 1.200 седишта наместо 1.500, салата ќе биде пофункционална и ќе ги исполнува сите безбедносни стандарди,“ истакна Муча.

Визуелно решение за Универзална сала / Фото: Министерство за култура

Новата Универзална сала, како што најави министерот,  ќе може да биде домаќин и на филмски премиери, при што подобрената акустика ќе гарантира дека нема да им пречи на жителите од околината.

По завршувањето на проектот, објектот повторно ќе премине под надлежност на Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот