ФОТО: Конзерватори од Франција во Лешочкиот манастир фасцинирани од заштитата на трослојното сликарство, која во Европа е непозната

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Лешочкиот манастир е чудесно и волжебно место, вели Клер Бетелу професорка на Студиите за реставрација при Универзитетот во Сорбона, Франција.

Таа преку програмата ТАЕКС неделава со свој тим беше во неколкудневна посета на ова духовно светилиште, со цел размена на искуства и заедничка соработка со конзерваторите од Македонија кои го открија трослојното сликарство во храмот пресвета Богородица во склоп на Лешочкиот манастир.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Вели дека начинот на заштита на сите три слоја на фрескоживопис е непознат во Европа, а таа ќе го пренесе.

„Ова е чудесно и волшебно место. Имам можност да се запознаам со тимот стручни конзерватори и реставратори, за да ја разберам историската важност на оваа градба. Чудесноста ја пронаоѓам во оваа целисходност и комплексност на градбата и податокот дека тука се мешаат живописи од 17 и 19 век, но и од постар период. За мене ова е неверојатно искуство и нешто ново оти во Франција не постои таква традиција, таму традицијата е да се задржи најновиот слој .Оваа недела има за цел да се запознаеме со македонските колеги, да ги споделиме искуствата, да го запознаеме нивниот начин на реставрација. Понатаму можат да се оформат тимови на размена на искуства. Ова е начин што не ни е познат во Европа, така што се надеваме на соработка и проекти“, вели Клер Бетелу професорка на Универзитетот во Сорбона на Студиите за реставрација.

Пред 5 месеци во храмот пресвета Богородица во Лешочкиот манастир беше пронајдена фреска од архирејот Кирил Александриски во самиот олтар.

Тоа е и всушност дел од најстарото сликарство на манастирската црква кое датира најверојатно од 13 век.

Се работи за позаштитена фреска од фрагментот на живописот, кој во ова светилиште беше откриено при реставрацијата од Националниот конзерваторски центар, која во неколку наврати трае само по неколку месеци, поради малите средства кои за заштита ги одобрува Министерството за култура.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Владо Муковски од Националниот конзерваторски центар кој со својата екипа работи на реставрација на црквата, вели дека се работи за ретко културно-духовно богаство, на кое ќе треба долгорочно да се работи за да се заштити, а за тоа се потребни и повеќе финансии од државата. Соработката со Универзитетот во Сорбона е од голема важност и чекор во заштита на нашите историски споменици.

„Се одлучивме за експертска мисија зошто сметаме дека најрпрвин треба да се запознаат стручњаците од странство со нашите споменици, за понатаму да преземеме конкретни активности. Во секој случај ќе работиме на подолгогодишна соработка со Сорбона, па во оваа прва фаза сега се запознаваме со проблемите, па потоа заеднички ќе работиме. Професорката е директор на два сектори кои се за заштита на ѕидно сликарство и баравме таков човек да дојде тука“, рече Владо Муковски од Националниот конзерваторски центар.

Тој се надева дека проектот за реставрација и конзервација на ѕидното сликарство во Лешочкиот манастир и понатака со поголеми средства ќе биде поддржан од државата.

Министерката за култура Бисера Костадиновска по информациите за пронајденото трослојно сликарство во мај годинава го посети Лешочкиот манастир.

Таа тогаш истакна дека како министерство вложувале во реставрација на црквата, но како што посочи, законот не дозволувал повеќегодишно финансирање, затоа и тука во манастирската црква се работело со застои. Во процедура е менување на законот, со цел конзервацијата да добие поголема динамика, дополни таа.

ФОТО | Големо откритие: Под фреските во храмот Богородица во Лешочкиот манастир пронајдено сликарство старо повеќе од 7 века

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот