ФОТО | Извонредни археолошки откритија: Пронајдени 7 мечеви, 6.000 монети и накит во Германија

Фото: Facebook / Mecklenburg-Vorpommern Ministry of Science, Culture, Federal and European Affairs

Археолошките чувари – волонтери, кои се грижат за локалитетите во германската покраина Мекленбург-Западна Померанија, за време на обиколката на теренот пронашле вистинско богатство кое содржи 7 мечеви од бронзеното време, 6.000 словенски сребрени монети од 11 век и накит, пишува „Аркеоњус“.

Веста за извонредните откритија ја соопштија Министерството за наука, култура, федерални и европски прашања и германската сојузна држава.

„Околу 250 волонтери во моментов работат на зачувување на археолошките споменици. Исто толку од нив се на обука. Тие се неопходни за зачувување на нашето културно наследство. Дополнително, имаме три извонредни наоди за кои треба да им се заблагодариме на овие археолошки чувари“, рече министерката Бетина Мартин.

Седум мечеви биле откриени во фрагменти во близина на Мирово, покрај Мекленбуршкото Езеро. Претпоставката е дека тие дошле на површината пред извесно време, кога се вршеле ископувања во езерото, а исфрлениот материјал бил распослан на поголема површина.

Фото: Facebook / Mecklenburg-Vorpommern Ministry of Science, Culture, Federal and European Affairs

Пронаоѓачите внимателно ги следеле фрагментите, што им овозможило на научниците речиси целосно да ги спојат. Се верува дека мечевите биле потопени како дел од ритуал. Иако наодите на вредни предмети не се невообичаени, толку многу мечеви, стари околу 3.000 години, никогаш не биле откриени на едно место во покраината Мекленбург-Западна Померанија.

Археолошките чувари дојдоа до уште две големи откритија, двете од 11 век, но во различни области на оваа земја. Официјални лица објавија дека 6.000 сребрени монети биле ископани на островот Риген во Балтичкото Море. Како што велат, станува збор за најголемата словенска колекција на пари што е откриена од Втората светска војна до денес.

Фото: Facebook / Mecklenburg-Vorpommern Ministry of Science, Culture, Federal and European Affairs

Повеќето од монетите биле во глинен сад, но некои биле расфрлани наоколу. Монетите пристигнале од различни делови на Европа – од Англија и Данска, преку западна Германија до Унгарија и денешна Чешка, со што се откриваат неверојатни трговски врски од 11 век.

Покрај тоа, археолошките чувари откриле и реликвијари стари 900 години во областа на Мекленбуршкото Езеро. Во контејнер со околу 1.700 монети имало и прстени, обетки, бисерен ѓердан со златни мониста и два реликвијарии, од кои едниот е во форма на распетие.

Фото: Facebook / Mecklenburg-Vorpommern Ministry of Science, Culture, Federal and European Affairs

Како што е наведено, овие христијански симболи се невообичаени за овие простори во 11 век, бидејќи таму живееле претежно пагани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот