
ФОТО | Искршени канти, откорнати бекатонки и израснати треви го „красат“ кејот во Ѓорче Петров
Од Општина Ѓорче Петров не одговорија на нашите прашања зошто оваа локација со години никој не се потрудил да ја обнови, ниту пак дали ќе започнат со средување во блиска иднина, за да не го гледаат жителите и минувачите секојдневно овој урбан ужас покрај кејот на Вардар
Уништени корпи за отпадоци, само неколку клупи стари со децении, искршени и откорнати бекатонски плочки и неискосени треви се дел од „убавините“ со кои располага патеката на кејот на реката Вардар покрај стадионот „Македонија“ во општината Ѓорче Петров, која според фотографиите од жителите е недопрена и на неа никој од Општината не се сетил со години.
Препорачано
Жителка на Ѓорче Петров што редовно се движи по оваа траса вели дека сѐ повеќе избегнува да го користи ова место за рекреација и за „раздвижување нозе“ во попладневните часови, бидејќи, како што вели, израснатите треви го прават теренот тежок за одење, но и поради слабото осветлување, кое ем што не е поставено секаде низ патеката, ем ретко кога работи, па оваа патека во вечерните часови е тотално неосветлена.

– Во врска со кејот во Ѓорче (до Вардар), тој е во катастрофална состојба. Има дупки насекаде, канти за ѓубре речиси и да нема, а тие што ги има, се без дно или искривени и искршени. Бекатонките ги нема половината, има само две клупи во должина на целото шеталиште, а светилките некогаш работат, некогаш не – вели Јована од Ѓорче Петров.
Таа додаде дека последните неколкупати кога пешачела, патеката била поплавена и непроодна за минувачите, веројатно од пукната цевка која, според неа, долго време не била поправена и на местото се оформила дупка.
– Тревите си ги има насекаде и се несредени, има едно место каде што изгледа е пукната цевка – постојано е поплавено, а и дупка е – објаснува таа.
Според достапните информации за јавноста, последна голема акција за чистење на кејот на Вардар во Ѓорче Петров се спровела во 2021 година, во мандатот на поранешните градоначалници на Град Скопје и Општина Ѓорче Петров, Петре Шилегов и Александар Наумоски, кога Градот во соработка со Општината извршиле, како што тврдеа тогаш, голема акција за темелно чистење на четири километри од шеталиштето.

– Заедно со Општина Ѓорче Петров на овој потег работиме на должина од 4 километри, на целосно и темелно чистење и облагородување на просторот, со цел овој јавен простор на граѓаните од Ѓорче Петров и од Сарај да им послужи за рекреација и за разонода. Ние веќе темелно работиме на чистење на кејот, па ги повикувам и другите градоначалници на општините низ кои поминува реката Вардар да се вклучат со свои ресурси со цел што е можно побрзо да го вратиме сјајот на нашиот кеј – рече тогаш поранешниот градоначалник Петре Шилегов.
Според ЈП „Улици и патишта“, последната активност што била насочена кон подобрување на кејот на Вардар и шеталиштето во општината Ѓорче Петров била дури во 2021 година, кога се обновила патеката во Хром.
– Екипите на ЈП „Улици и патишта“ завршија со санација и доградба на патеката на кејот на река Вардар во близина на фудбалското игралиште „Млади лавови“ во населбата Хром. Со асфалтирањето на патеката, се овозможува рекреација покрај кејот на реката и целосно се олеснува движењето на пешаците и на велосипедистите во овој дел од населбата – информираа од претпријатието.

По 2021 година, кога се одржаа последните локални избори и се промени власта во Општината, а на градоначалничката фотелја седна Александар Стојкоски, кој во својата програма најави и вети проект за изградба и пуштање во употреба на нова пешачка патека на кејот од Хром до Дексион, но изгледа оваа локација не им влегла во програмата со оглед на тоа во каква состојба се наоѓа.
– Во соработка со Градот Скопје ќе направиме пробивање на потегот од Влае кон Хром и ќе изградиме пешачка и велосипедска патека на кејот покрај Вардар, на потегот од населеното место Хром до населеното место Дексион. Со ова конечно Ѓорче Петров ќе го поврземе со велосипедската патека на Вардар и ќе овозможиме непречено движење на граѓаните од нашата општина – се вели во програмата од локалните избори во 2021 година.

Според соговорничката на „Слободен печат“, кејот бил уреден до пред четири години, а оттогаш сѐ, како што вели, „тргнало удолу“ и состојбата почнала да се влошува од ден на ден.
– Јас шетам со кучето речиси секој ден таму, фотографиите се од оваа недела, а местово беше редовно одржувано до пред три или четири години, а оттогаш е целосно запоставено и скапува. Порано барем го одржуваа, сега изгледа како само тие што имаат куќи да ја поткаструваат тревата – вели таа.

До објавувањето на овој текст, од Општина Ѓорче Петров не одговорија на нашите прашања зошто оваа локација, на која сета скршена и застарена урбана опрема е брендирана со општински потпис, со години никој не се потрудил да ја обнови, а не па целосно да ја „врати во живот“, ниту пак дали ќе започнат со средување во блиска иднина, за да не го гледаат жителите и минувачите секојдневно овој урбан ужас покрај кејот на Вардар.