
ФОТО | Драма во Собрание: Мицкоски извади папка со наводно лажни сертификати по англиски на директори поставени од СДСМ и обвини дека го следеле со дронови
Сертификатот по англиски јазик на првиот човек на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, денеска е тема и на пратеничките прашања во Собранието. Пратеникот Венко Филипче од говорница рече дека Христовски наводно, имал само 5 години стаж на раководни позиции и тоа можело да се види од податоци во Фондот за здравство, со што како што рече Филипче, Христовски не ги исполнува законските услови од членот 10 од Законот за АНБ за да биде именуван. Филипче го спореше и сертификатот по англиски што го приложил Христовски.
Препорачано
Документот што го приложил е од училиште во Пловдив Бугарија а во Пловдив воопшто нема TOEFL центар за тестирање. Значи за да стане директор свесно употребил фалсификуван документ и со тоа направил кривично дело. Нели, господине Мицкоски, ветувавте поразличен начин на работа? Нели мерит систем некој најавувате?, рече Филипче.

Мицкоски пак, од говорница тврди дека Бојан Христовски има 9 години стаж на раководни позиции.
Мицкоски порача дека АНБ не треба да е тема на јавна расправа туку институциите да ги проверат наводите за Христовски. Во врска со сертификатот по англиски јазик, Мицкоски направи неочекуван потег во Собранието – извади папка во која рече дека се наоѓаат „слични сертификати по англиски јазик од директорите назначени од СДСМ“ и дека тие ќе му ги даде на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Ќе ви дадам сличен сертификат од личноста која седи до вас. Знаете колку има такви сертификати?, рече Мицкоски што наиде на извикување и восхит од некои од пратениците во салата.

Мицкоски продолжи:
Немојте на тоа да правите политика, има институции во државава кои треба да водат сметка, овие сертификати ќе ги дадам на министерот за внатрешни работи.

Премиерот смета дека темата за назначениот директор на АНБ, е станата толку актуелна затоа што вработени во безбедносно-разузнавачката заедница се вознемирени што во минатото, додека тој бил лидер на опозицијата како што рече – го следеле со дронови, па сега не им одговара Христовски да биде директор.
-Се кренаа дронови над мојата куќа, кога сум одел и на терен во Прилеп. Го разузнавале претседателот на опозицијата со дронови, односно со оперативни и оперативни технички средства. Нормално е тоа? И затоа се исплашени и од свиркачи добиваат информации, за тоа што треба да има одговорност, рече премиерот.

Филипче му рече на Мицкоски дека новото назначување на директор во АНБ не е смешно.
Покрај тоа што поставувате криминалци за директори, осудени лица за директори на затвори и јавноста се смее, ова партизирање на АНБ воопшто не е за смеење.
Напротив, ова многу загрижува и ја потврдува вашата намера да ги узурпирате клучните безбедносни институции. Вие господине Мицкоски изгледа заборавате дека заради овие ВМРО-МВРО диктаторски политики 100 илјади луѓе маршираа по улиците, рече Филипче.