Фон дер Лајен: Со денешната посета на Украина оддаваме признание на отпорот на храбриот украински народ

Урсула фон дер Лајен Фото: Икс/ЕНР-Белга

Оваа посета на Киев на денот кога се одбележува втората годишнина од почетокот на руската агресија врз Украина е со цел да му оддадеме признание на извонредниот отпор на храбриот украински народ, изјави утрово претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по пристигнувањето во украинскиот главен град

Оваа посета на Киев на денот кога се одбележува втората годишнина од почетокот на руската агресија врз Украина е со цел да му оддадеме признание на извонредниот отпор на храбриот украински народ, изјави утрово претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по пристигнувањето во украинскиот главен град.

– Неодамна најавивме голема финансиска поддршка за Украина, но исто така е многу важно и да ја изразиме нашата морална поддршка. И, се разбира, ова патување ќе биде можност да разговараме за сите аспекти на нашата европска поддршка за Украина, изјави Фон дер Лајен пред новинарите кои патуваа со неа, меѓу кои и на агенцијата Белга, кој е специјален известувач од Киев за мрежата ЕНР, од која дел е и МИА.

Фон дер Лајен за време на денешниот престој во Киев е придружувана од премиерите на Белгија, Александер Де Кро, на Италија, Џорџа Мелони и на Канада, Џастин Трудо, кои според најавата ќе се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со премиерот Денис Шмихал, да положат венци на Ѕидот за сеќавање на загинатите украински бранители во конфликтот со Русија, да го посетат аеродромот „Антонов“ во Хостомел, каде ќе имаат средба со припадниците на украинските Вооружени сили кои го бранат објектот, како и да се сретнат со група украински студенти.

Александер де Кро Киев

Во пресрет на втора годишнина од почетокот на руската агресија врз Украина, Фон дер Лајен во заедничката изјава на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола порачаа дека ЕУ останува на својата определба секогаш да ја поддржува независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата во нејзините меѓународно признати граници.

– Две години насилство, бруталност, терор и уништување. Никогаш нема да го заборавиме почетниот шок од нападот, ужасот од настаните во Бородинка, Буча, Мариупол. Сепак, и покрај сите континуирани злосторства и страдања што и се нанесуваат низ целата земја, Украина стои цврсто. Херојскиот украински народ демонстрира цврстина и решителност во одбраната на својата татковина и борбата за својата слобода и нашите заеднички европски вредности, се наведува во изјавата, во која се додава дека постојаната агресија на Русија против Украина всушност започна пред 10 години со нелегалната анексија на Крим и Севастопол.

Тие посочуваат дека во услови кога Украина секојдневно се соочува со постојани брутални и неселективни напади од страна на нејзиниот агресор, повеќе од кога било, ЕУ останува обединета и доследна на ветувањето дека ќе ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно.

ЕУ Инстритуции Украина

– За народот на Украина, за мирот и безбедноста во Европа и за да надвладее меѓународниот поредок заснован на правила, Европската Унија ќе продолжи со својата силна и непоколеблива политичка, воена, финансиска, економска, дипломатска и хуманитарна поддршка за да и помогне на Украина да се одбрани, да го заштити својот народ, нејзините градови и нејзината критична инфраструктура, да го поврати нејзиниот територијален интегритет, да ги врати илјадниците депортирани деца и да доведе до крај на војната, се нагласува во заедничката изјава.

Мишел, Фон дер Лајен и Мецола потенцираат дека ЕУ се залага за постигнување праведен, сеопфатен и траен мир во Украина заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право и дека ги подржува сите напори за одржување Глобален самит за мир со најширока можна меѓународна поддршка.

– Денеска, нашите знамиња ќе се веат едно до друго како симбол на нашата солидарност, посветеност и решителност, додаваат претседателите на Советот на ЕУ, Мишел, на ЕК, Фон дер Лајен и на Европарламентот, Мецола во заедничката изјава по повод двегодишнината од почетокот на руската инвазија врз Украина.

Де Кро, од своја страна, вчера по средбата со Фон дер Лајен и полскиот премиер Доналд Туск во Варшава, изјави дека иако ситуацијата на бојното поле не е добра, тоа не значи дека ЕУ треба да се откаже од континуираната поддршка на Украина. – Го слушаме барањето за повеќе оружје и артилерија. Од суштинско значење е нашата поддршка за Украина да остане на високо ниво, порача Де Кро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот