
Филмовите „Градот“ и „Јурта“ се најдобри на фестивалот на европски филм „Синедејс“
Под слоганот „Како е? Викај ура!“ и оваа година, од 11 до 17 јули, фестивалот „Синедејс“ обезбеди врвни филмски остварувања и македонски премиери, но со драстично намален буџет, кој во текот на последните три години е намален за повеќе од 60 проценти. И покрај големите финансиски и организациски пречки, кои стануваат поголеми и понепремостиви од година в година, повеќе од 4000 граѓани уживаа во синеастичките фестивалски денови.
Препорачано
Свеченото прогласување на најдобрите остварувања на 23. Фестивал на европски филм „Синедејс“ се одржа на 17 јули во Парк МКЦ, а фестивалот беше затворен со проекција на филмот „Неочекувана среќа“ во режија на Вуди Ален.
Жирито во состав Горјан Атанасов, филмски и тв монтажер, Ивица Димитријевиќ, актер и режисер, Мина Ѓукиќ, режисерка, Рохан Бери Крикмар, филмски продуцент и фестивалски селектор, и Гентиан Кочи, филмски режисер, ја доделија наградата „Златна ѕвезда“ за најдобар филм на израелската продукција „Градот“ во режија на Амит Улман.
Филмот е првиот хебрејски рап-мјузикл инспириран од афроамериканската музика, филм ноарот и детективските филмови. Жирито ја додели наградата на ова смело остварување поради „разиграната кооптација на ноар стилот и класичните мјузикли, а кое суптилно ја раскажува приказната за израелски индустриски град каков што ретко гледаме на филм“.
Наградата „Сребрена ѕвезда“ за најдобра режија е доделена на младиот израелски режисер Ноа Дебре и неговиот филм „Последните Евреи“, за неговиот необичен и темелен филмски стил додека ја раскажува нијансираната и напати смешна приказна за младиот Рубен Белиша. Третата награда „Сина ѕвезда“ за најдобро сценарио жирито ја додели на „Ширкоа: Утопија на лагите“, заради импресивниот наратив на градење дистописки научно-фантастичнен свет.
Жирито во состав Марија Димитрова, продуцентка, Андреас Јонсен, режисер, и Бојана Андриќ, кинематограферка, одлучија во селекцијата ЈИЕ (Југоисточна Европа) да ја доделат наградата „Златно сонце“ за најдобар филм на турското остварување „Јурта“ во режија на Нехир Туна за реалистичниот и артистички неприкосновен портрет на млад човек, кој расте меѓу два спротивставени света што се одраз на турското општество во минатиот век и денес.
Во оваа селекција, жирито одлучи да додели и специјално признание на филмот „78 дена“ во режија на Емилија Гашиќ, кое е посветено на животот на многу млади невини генерации кој беше ненадејно прекинат во текот на 78-дневното бомбардирање на Србија.

– Ќе успееме, мора да го одржиме фестивалот и да ја водиме оваа наша борба за содржајни културни настани и случувања во нашево неверојатно пасивно, резигнирано и длабоко разочарано милје. Таму каде што сите гледаат очај, ние гледаме шанса за напад. Ќе дадеме гол, ќе одиме повторно на европско првенство, во културолошка смисла. И ова не е изјава на верба или надеж, туку длабока и вистинска определба – посочува Маргарита Арсова, долгогодишен раководител на фестивалот.
Во текот на седумдневниот филмски фестивал, публиката имаше можност да ужива во повеќе од 50 филмски остварувања, со проекции под отворено небо во паркот зад МКЦ, но и во киното „Фросина“ и во Кинотеката на Македонија, како и во разни фестивалски случувања кои на достоен и вистински начин го одбележаа 23-то издание на фестивалот „Синедејс“.