Филипче и Дончев може да носат на душа многу бебиња со срцеви мани

Само шест месеци откако се збратимија тимот за детска кардиохирургија од Детска хирургија и клиниката на Жан Митрев се покажа дека се точни стравувањата дека од оваа работа ништо нема да биде, пред се поради начинот на кој спојувањето беше направено. Наместо да се направи договор за јавно-приватно партнерство со кој ќе се гарантира статусот на вработените кои се префрлија во приватната болница и ќе се осигура квалитетот на здравствената услуга, министерот за здравство се сликаше на прес конференција, а правно соработката се регулираше само со проширување на договорот кој приватната болница веќе го имаше со ФЗО. Што би се рекло Жан Митрев само доби милион евра и десетина нови вработени.

Сега министерот Филипче се пере од одговорноста за неуспехот велејќи дека вработените по сопствена волја решиле да заминат во приватната болница, а операциите ќе продолжат да се изведуваат таму и понатаму иако единственот лиценциран детски кардиохирур во земјава си заминува од клиниката „Жан Митрев“. Филипче мора да одговори зошто ако Жан Митрев можел да ги прави овие операции, воопшто беше отворена детската кардиохирургија и зошто неговиот договор не беше проширен порано, туку дури откако тимот премина од Клиниката за детска хирургија во „Жан Митрев“.

Ако нема одговор на овие прашања тогаш тој, но и директорот на ФЗО, Дончев, се соочуваат со одговорноста за десетици животи кои може да згазнат ако операциите наместо искусен детски кардиохирург ги прави некој гледајќи ги од Јутјуб. Да се разбереме, новороденчиња со вродени срцеви мани се наоѓаат во многу тешка здравствена состојба и нивниот живот виси на конец, но и тие и нивните семејства кои девет месеци го исчекувале нивното раѓање имаат право да добијат фер шанса за живот за што државата плаќа милион евра годишно. Не може алиби за нивната смрт да се бара во објаснувањето „и така ќе умреше, се обидовме да го спасиме“.

Ајде малку да потсетиме. Во 2013 година кога почна да се развива детската кардиохирургија на Клиниката за детска хирургија имавме ситуација во која годишно околу триесет новороденчиња со вродени срцеви мани се праќаа на операција во странство, и уште толку умираа бидејќи не беа навремено дијагностицирани. И со многу ентузијазам и добра волја се тргна овој проблем да се решава. Не дека беше  лесно и дека немаше проблеми, се случуваше да умираат бебиња зошто не им била дадена свежа крв, но за тој пропуст се шпекулираше дека буквално играл стапот. Колку ја чинеше државата целата инвестиција не се знае, но 400.000 евра годишно се даваа само за странските кардиохирурзи кои ги обучуваа нашите, пари кои одат во ветар бидејќи овие лекари сега си заминуваат од „Жан Митрев“, а со тоа и од јавното здравство.

И после шест години се заклучи дека проектот државна детска кардиохирругија не може да функционира во јавното здравство бидејќи се изморија тие што го носеа на мускули, па по долго лобирање на една приватна болница и кај поранешната и кај актуелната власт се реши тој да се префрли во приватното здравство. И наместо да се објави јавен повик, па да се пријават сите заинтересирани и да се одбере најповолната понуда, одлуката падна со договор во четири очи. Зошто се избра клиниката Жан Митрев, а не Аџибадем Систина, остана нејасно. Единствено беше дадено објаснување дека првата има домашна експертиза, додека втората странска, што би се рекло Жан Митрев е наш, а другиве не. Прес-коференцијата на која се објави соработката ја држеа министерот за здравство Венко Филипче, директоротна ФЗО Ден Дончев и кадриохирургот Владимир Чадиковски. Митрев не се појави.

Сега останува фактот дека на мускули детската кардиохирургија во државните клиники опстана шест години, а во приватната болница со сите услови и стандарди само шест месеци.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот