Филипче: Детската кардиохирургија останува, операции и во двете болници

Министерот за здравство Венко Филипче, по дилемите и шпекулациите за функционирањето на Детската кардиохирургија со концептот јавно – приватно партнерство откако кардиохирургот Владимир Чадиковски замина од клиниката „Жан Митрев” и неговиот ангажман го продолжи во клиниката „Систина”, вели дека концептот останува, а операциите на децата ќе се извршуваат во двете приватни болници со истиот износ на пари определени за таа намена од Фондот.

– Флуктуацијата на тимовите е нормален процес во сите развиени европски земји, никој и никаде со години не останува на едно место, луѓето заминуваат заради тоа што сакаат да најдат нова средина за работа и да го унапредат сервисот. Така и ние сега имаме ситуација во којашто во две институции коишто имаат важечки договори со Фондот можат да се прават и детски и адултни кардиохируршки интервенции – рече Филипче во интервју за ТВ Телма.

Детската кардиохирургија, укажа, почна како посебна програма во последниве години, а искусни кардиохирурзи во своите курикулуми имаат обука за детска кардиохирургија.

– Овој трансфер ќе значи дека децата и понатаму ќе се лекуваат во идеални услови во двете институции заради тоа што Фондот ќе плаќа само по ди ер џи услуга за наплатена интервенција. Идеални се условите со највисокиот стандард за акредитирање, како што се акредитирани болниците во Америка и на двете места сега има врвна експретиза. Концептот останува заради тоа што сметаме дека на Клиниката навистина беше една голема импровизација – наведе Филипче.

Прашан кој ќе врши кардиохируршки интервенции на деца во „Жан Митрев” по новонастанатата состојба министерот посочи дека во таа клиника од 2014 година се оперираат деца со кардиохируршки потреби и интервенции, и под една и над една година.

– Значи, таму експертизата постои. Суштината е Фондот да ги купува најдобрите и најквалитетните услуги за еднаква цена без притоа да се инвестираат или да се трошат непотребни средства за нешто за што навистина како држава не треба да инвестираме заради тоа што можеме да искористиме нешто што е постоечко. Сега имаме ситуација во која Фондот и понатаму ќе плаќа услуги таму каде ќе се прават кардиохируршките детски интервенции по исти идентични ди ер џи цени, Клиниката за детска хирургија ќе продолжи да го работи тоа што го работеше без компромитирање на својата иницијална дејност – појасни Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот