Плакат за промоцијата во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје

Фестивалот на критичка култура „Крик“ ќе промовира истражувачка книга од Славчо Димитров

На Фестивалот на критичка култура „Крик“, годинава тематски насловен како „Преобразби“ во организација на „Контрапункт“, ќе се одржи промоција на книгата „Anarchic bodies: corporeal materialism, affects and the political“ од Славчо Димитров.

Промоцијата ќе се одржи на23 јуни (понеделник), со почеток во 20 часот, во КСП „Центар-Јадро“. Промотори на книгата се професорката Јелисавета Благојевиќ од Белград и професор Љубомир Данаилов Фрчкоски.

Книгата е објавена на англиски јазик во едицијата „Пунктум“, едиција која „Контрапункт“ и „Крик“ ја посветуваат на современата критичка теорија, континентална филозофија, теорија на современата култура и уметност, родова теорија и филозофија и политичка филозофија.

Во својата книга Димитров го анализира концептот на политичкото (le politique) преку истражување на неговата комплексна и конститутивна вмреженост со телесноста, афектите и материјалноста. Централниот проблем и прашање на неговиот истражувачки потфат е: како можеме да го замислиме и изведуваме политичкото како радикална разлика – означувајќи го без темелниот, контингентен, безднен и нарушувачки момент – што го прави (не)возможен самиот темел на општеството, доколку во центарот на нашето поимање на политичката онтологија го поставиме телото како делотворна, динамична, трансформативна, ексцесивна и релациска светотворечка материјалност.

Славчо Димитров своите докторски студии ги заврши на универзитетот Сингидунум во Белград на катедрата за Современа уметност и медиуми. Магистрираше Родови студии и филозофија на Институтот „Евро-Балкан“, а потоа се здоби и со магистратура во областа на мултидисциплинарните родови студии на Универзитетот во Кембриџ.

Работел како асистент во одделот за правни и политички науки на универзитетот ФОН и на постдипломските родови и културни студии на Универзитетот „Евро-Балкан“. Димитров е основач на Меѓународната летна школа за сексуалност, култура и политика во Белград.

Toj e куратор на „Скопје прајд викенд“, фестивал за квир уметност, култура и теорија. Во мигов, тој е директор на Коалција „Маргини“ – Скопје. Димитров спровел истражување и објавил огромен број трудови од областа на културните и родовите студии, политичката филозофија, студиите за перформанс и квир теоријата во регионални и меѓународни списанија и книги.

Добитник е на наградата на АИКА Македонија – „Ладислав Баришиќ“ во 2018 година и на наградата „Игор Забел“, грант за култура и теорија во 2020 година.

Фестивалот „Крик“ не е прослава на континуитетот – туку чин на истрајност. Како проект на „Контрапункт“, фестивалот останува посветен на критичноста како политички чин, а не како реторички став. „Крик“ е глич во системот – прекин во програмираниот тек на спектаклот, комодификацијата и тишината. Оваа година, со темата „Метаморфоза / Преобразба“, не прашува што културата може да направи, туку што културата мора да направи во услови на системска стагнација, институционална ерозија и нормализација на нееднаквоста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот