Фајненс тинк: Субвенциите за електрична енергија треба да се намалат

сметки струја ЕВН сметка
Сметки за струја. / Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Наодите од студијата укажуваат на потенцијално истиснување на расходите за здравство и социјална заштита, како резултат на зголемената буџетска поддршка за субвенции за електрична енергија

Ослободувањето на буџетскиот простор од прекумерните субвенции за електрична енергија, може да обезбеди простор за структурни реформи и инвестиции во поквалитетни јавни услуги и таргетирани мерки за најранливите категории граѓани, посочува Институтот за економски истражувања и политики Фајненс тинк, кој ја објави студијата „Фискалниот простор во Западниот Балкан: Докази од скорешната повеќеслојна криза“.

– Во 2022 година, субвенциите за електрична енергија за домаќинствата достигнаа 3,2% од БДП или 9,2% од јавните расходи. Сепак, во првата половина од 2023 година се забележува нивно значајно намалување. Наодите од студијата укажуваат на потенцијално истиснување на расходите за здравство и социјална заштита, како резултат на зголемената буџетска поддршка за субвенции за електрична енергија. Односно, зголемување од 1 процентен поен на субвенциите за електрична енергија (изразени во процент од БДП) е поврзано со намалување на јавните расходи алоцирани за здравството и социјалната заштита од 0,87 до 0,93 процентни поени и 2,07 до 2,26 процентни поени од БДП, соодветно – велат од „Фајненс тинк“.

Во однос на нашата земја, економистите од институтот наведуваат дека прогласувањето енергетска криза од крајот на 2021 година натаму овозможи ЕСМ да продава струја на универзалниот снабдувач по цена пониска од пазарната, со што се субвенционираа сметките на приближно 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи.
„Препораките од студијата одат во насока на заштита на ограничениот фискален простор во следниот период преку намалување на субвенциите за електрична енергија до крајот на 2024 година, придружено со директни трансфери за најранливите домаќинства, што ќе овозможи фискален простор за повеќе и поквалитетни други јавни услуги, како и зголемени инвестиции во енергетскиот сектор, придружено со подобрена енергетска ефикасност на страна на потрошувачите“, пишува во извештајот на „Фајненс тинк“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот