Европскиот котел врие?

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Додека врие во европскиот лонец посебно помеѓу стратешките цели во Украина, конфликтите во трусните подрачја, Африка, но и на Блискиот Исток, почнаа да никнуваат и да имаат потенцијал да ги дестабилизираат геостратешките позиции на тешкашите. Теоретичарите на заговор би рекле дека тоа најверојатно е некоја игра меѓу големите сили во која сакаат да се позиционираат подобро. Оние, пак, кои малку потемелно се занимаваат со проблемите ќе речат земјотресот предизвикан од ревизионистите си го прави своето.

Пресвртот во Бахмут можеби почна, а можеби не. Како и за многу работи оставени на воената пропаганда ќе треба да почекаме додека ја добиеме вистината за Бахмут. Тука, како за потсетување, пред две седмици рековме дека ништо не е готово и дека како и во пресвртот со Сталинград, Бахмут може да изненади. Додека чекаме да дознаеме дали Украина ја започнала контраофанзивата или не и додека чекаме да видиме дали руските сили „стратешки се повлекле“ неколку километри во Бахмут, една мошне интересна анализа што треба да се направи, а е од особен значење за жилавоста на европската одбрана и пред сè нејзината стратешка релевантност е прашањето за курсот на реформите во безбедносниот сектор вклучително и сајбер-одбраната.

Многумина кај нас во т.н. експертски кругови кога зборуваат на оваа тема, вешто препишуваат од комуникеа или заклучоци на политички претставници, а на рајата од што ѝ е преку глава од сè кога ќе ѝ го споменат ова некако и не прави баш некоја разлика меѓу тоа што е се ЕУ сили, а што НАТО. Добро, не баш сите, ама поголемиот дел што е отруен од „НАТО ќе нè брани“ – флоскула на голем број поранешни министри кога во екот на плитките пи-ар кампањи беседеа за важноста на НАТО, но и за важноста на европската одбрана. Темата е од особено значење за нас бидејќи една од работите со која ќе треба да се соочиме со евроинтеграциските пакети (иако не примарна во моментот, но до периодот додека влеземе со капацитет да еволуира и да биде захтевна, особено заради реформите во безбедниот сектор кај нас, но и апропо НАТО). Истовремено, заради важноста и заради тоа дали и колку треба да трае таа проклета војна се разгоруваат дебати и препукувања околу по малку заборавени конфликти кои беа затрупани најверојатно во екот на доминацијата на либерализмот и во пракса пуштање на концептот на колективната безбедност. Со други зборови, нерасчистените територијални и малцински прашања на делот од Источна Европа кои беа решени би рекле во од со евроатлантските интеграции беа потопени во помпезните денови на либерализмот. Транзицијата, прогресот и јакнењето на демократските вредности се чини беа загарантирани на полесен начин онаму кога си во куќата и внатре. Сепак, она што останува дилема е дали тој процес беше завршен до крај како што е на пример помирувањето помеѓу Французите и Германците или пак како она во Белгија помеѓу фламанската заедница и француската и ако воопшто е. За Баскија, а Корзика па и за некои други делчиња сега нема да полемизираме бидејќи засега тие се интегриран дел од старите играчи на Европа, освен кога не се (сетете се само на инцидентот во Шпанија).

Двојните стандарди на Западот

Истовремено, за двојните стандарди на либералните демократи кои прскаат со тоа како треба да се третираат малцинствата нема да збориме. За да не излезе дека беседиме како додаток на претходното земете ги само соседите на Исток од нас на кои око не им трепнува за пресудите на Судот за човекови права за прашењето на Македонците таму. Ама, можеби тоа не е до крај европски некој ќе рече и можеби тоа е проблем кој е сега на второ рамниште заради војната во Украина. Но, и да е така и да има две врсти на човекови права во европската традиција оние кои се со приоритет и оние кои не се, сè поизвесно станува жешко кај оние кои се внатре. Таа жештина не е само околу суштината на реформите и оперативниот пристап – дали кон одредени права ќе пристапите од еден аспект – оној американскиот – ќе применувате по милитантен пристап, или пак, ќе се држите до европската традиција на би рекле полициски модел на оперирање и ескалација на употребата на принудни мерки вклучително следење и сила, туку проблемот е и во политичкиот периметар и дискурс. Поинаку кажано, Балканизацијата на евроинтеграциите во мир, сега им се треска од глава на Европејците за време на сериозен геостратешки притисок. Можеби и ова е само една секвенца која либералната демократија ќе може да ги потопи во универзалните вредности за мир, толеранција, спокој, добробит и солидарност и колективитет. Можеби пркосот на Турција, е изолиран процес кој НАТО стихијно и етапно ќе го реши со билатерален пазар и изнаоѓање на вин-вин солуција. Можеби и унгарскиот пркос кој според некои протагонисти и влијателни мислители во Европа веќе има потенцијален најмал заеднички содржател-пазарот, или реваншот за економските блокади врз владата на Орбан.  Сето тоа, како што некои сметаат можеби се изолирани инциденти кои немаат суштина да ја подријат солидарноста и европската иднина. Или пак, сите такви тези имаат сериозна основа да бидат дел од засилената кампања на дезинформации, која за жал артикулира дел од општите несогласувања како оние на пример кои ги генерираше посетата на Макрон на Украина. Истовремено, додека врие во европскиот лонец (дискурс за кој говоревме во неколку наврати) посебно помеѓу стратешките цели во Украина (на пример што е крајот – е „енд-гејмот“ таму, Русија надвор од Украина или преговори со окупираните територии од Русија) конфликтите во трусните подрачја, Африка, но и на Блискиот Исток почнаа да никнуваат и да имаат потенцијал да ги дестабилизираат геостратешките позиции на тешкашите. Теоретичарите на заговор би рекле дека тоа најверојатно е некоја игра меѓу големите сили во која сакаат да се позиционираат подобро. Оние, пак, кои малку потемелно се занимаваат со проблемите ќе речат земјотресот предизвикан од ревизионистите си го прави своето.

Предизвиците на „тешкашите“ во геополитиката претешки за сите

Предизвикот на доминацијата на светскиот трон врз либерализмот од страна на предизвикувачите не е без ефекти. Пакистан се задуши во немири, а на раб е и Либан. Француската рака е присутна и овде, а некои го повикаа Бајден да не дозволи Франција да се меша во водството во Либан кој е на раб на колапс. Во Турција изборите очекувано тензични, а Иран продолжи да запленува комерцијални бродови, користејќи го стратешкиот дефокус кон Индо-Пацификот и во украинското боиште, па си поигрува со нервите на Западот. Истовремено, човекот кој ќе остане запаметен не по неговата 40 годишна кариера како дипломат туку како човекот кој го собори Борис Џонсон (преку јавниот настапа за лагите на Џонсон околу Кристофер Пинчер) Сајмон МекДоналд излезе со шокантна изјава. Имено, минатата сабота, покрај сведочењето за тоа како го соборил Борис Џонсон, меѓу другото во интервју даде интересна изјава што не остана незабележана. Според него Велика Британија се движи по надолна линија на контото на моќ и влијание на светски план и оттука конфронтацијата со Кина за него е грешка.

Зошто Европа каска во одбраната и безбедноста

Стратешкото заостанување кое Европа го има во доменот на одбраната и безбедноста не е само во промашувањето на стратешката проценка за ризиците и заканите што секако се одразува на реформите во безбедносниот сектор како и на градење на сајберодбранбени капацитети. Факт е дека војната во Украина за добро на ЕУ го задвижи трансформацискиот моментум во Европската одбрана. Сепак, тоа според некои критичари отвори нова дилема кој е исправена пред водството на ЕУ-нова традиција на трошење повеќе но за сметка на тоа се намалува соработката – и сето тоа на контото од три декади на интензивна соработка. Во таа насока прашањето за реформите во безбедносниот сектор. Сепак, се чини дека реформите во безбедносниот сектор во ЕУ е затруен од проблемот на колективитетите во политичка, економска и оперативна смисла. Оттука дилемата за реформаторите во реформите на европската одбрана мора да започнат од расчистување на дихотомијата која извира од начинот на војување, и најбитно од сè е како се подготвуваат за нив. Би можеле да ги критикуваме либералните лидери до утре, но една од главните причини заради која реформите во безбедносниот сектор и со тоа европската одбрана се под знак прашалник е дихотомијата на перцепцијата на закана. Таа се пресликува и во сајберпросторот заради што Европејците преферираат да користат термини што потсеќаат на кризен менаџмент, а не на водење воени операции. И додека релевантноста на двата концепта е неспорна, разликата како што покажа Украина во операционализација на овие два концепта е огромна (во мобилизацијата на ресурси, луѓе и пристап). Дотогаш, НАТО, ЕУ и лидерите на земјите членки мора да решат дали соработката помеѓу ЕУ и НАТО ќе се сведе на „фини разговори“ и „добра презентација“, или пак, ќе има суштинска реформа во безбедносниот сектор, што ќе го олади зовриениот лонец.

 (Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот