
Европската комисија предлага 1.850 милијарди евра за опоравување на економијата
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, го изнесе предлогот на седница во Европскиот парламент.
Европската комисија денеска предложи Инструментот за опоравување на европската економија од корона кризата во висина од 750 милијарди евра и повеќегодишна буџетска рамка од 1.100 милијарди.
Препорачано
Инструментот се состои од 500 милијарди неповратна помош за најтешко погодените земји членки и сектори и 250 милијарди кои би се доделувале како поволни заеми.
Вкупно со повеќегодишната финансиска рамка и инструментот за опоравување се предвидуваат 1.850 милијарди евра.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, го изнесе предлогот на седница во Европскиот парламент.
– ЕК денеска предлага нов инструмент за опоравување, под името ЕУ нови генерации, во рамки на ревидираниот повеќегодишен буџет. Вкупно овој европски план за опоравување ќе осигури 1.850 милијарди евра за покренување на нашата економија и напредок на Европа, соопшти ЕК.
Пакетот мерки се состои од два дела, повеќегодишен буџет за периодот од 2021 до 2027 година и инструмент за опоравување кој ќе се финансира од задолжување на пазарите на капитал со обврзници на државите членки.
Клучниот дел од предлогот е подигнување на горната граница на сопствените средства на европскиот буџет, односно буџетските приходи. Станува збор за највисок можен износ кој може да се побара од земјите членки за полнење на буџетот.
Во пракса договорениот износ за повеќегодишната буџетска рамка секогаш е понизок од највисоката горна граница. Во моментов на сила е одлука за највисока горна граница од 1,23 отсто од БДП, додека за периодот од 2014 до 2020 година тој изнесуваше 1 отсто.
Оваа разлика ќе биде понудена како обврзница за задолжување на пазарите на капитал, односно како инструмент за опоравување и отпорност.