EУ падна под бугарска администрација!

Бугарија МНР/ фото: ЕПА

Иако Бугарија стави вето на преговарачката рамка за ЕУ и е јасно дека до нивните избори во март нема да ги олабават ригидните ставови кон Македонија, сепак разговорите треба да продолжат, сметаат дел од аналитичарите.

Со тој став е и премиерот Зоран Заев, кој повтори дека Македонија нема друга алтернатива освен членство во ЕУ, затоа што „со стоењето во место губиме“, а потврда за интензивните преговори после ветото е и нон-пејперот што владиниот претставник Владо Бучковски завчера му го дал на бугарскиот премиер Бојко Борисов по средбата во Софија, чија содржина сѐ уште е непозната за јавноста

– Ние дома ќе продолжиме со реформите, ќе ја повикаме Холандија да работи со нас на правниот систем, ќе ја повикаме Германија да работи во економскиот систем. Премиерот на Естонија ми е пријател, ќе ни даде сè што ни треба за дигитализација. ЕУ е филозофија, европеизацијата е клучна дома – рече Заев во интервју за Телма.

Ружин: По изборите полесно ќе се разговара

Според професорот Нано Ружин, и покрај бугарското вето разговорите треба да продолжат.

– Треба да се работи со уште поголем интензитет, не само во билатералните односи со Бугарија, туку и на мултиратерално ниво во ЕУ, пред сè со земјите кои имаат решавачки збор, како Германија, Франција и сега и Португалија. Германија ни даде силна поддршка, но еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ не беше на ниво на германските барања и очекувања. Тој во процесот беше млитав, а неговата изјава дека Северна Македонија треба да најде начин да го реши проблемот, беше депласирана. Секако дека треба да бараме начини да го решиме проблемот. Јас мислам дека треба да се користат сите средства и што повеќе луѓе, да не се сведеме само на еден министер и еден олеснувач и да се отвори поширока дебата – вели Ружин за „Слободен печат“. 

Тој додава дека е тешко да се постигне консензус во ЕУ, а одлуките се носат само така, но примерот со буџетот на ЕУ покажа како земјите членки најдоа сили и по дипломатски патишта се договорија кога сфатија колку е огромна придобивката од неговото усвојување.

– Јас сметам дека овој притисок со кој сега се соочува Бугарија едвај ќе го издржи и до изборите во март, а потоа ќе биде можно полесно да се разговара. До март јас не очекувам ништо, никаков напредок, затоа што тие влегоа во таа игра со односите со Северна Македонија и ја кренаа на ниво на поддршка од 85 отсто од бугарскиот народ. Исто, сметам и дека во работата на Заедничката комисија треба да дојде олеснувач, арбитер кој ќе настапува со разбирање и ќе има неутрални ставови, како на пример Бертрин Лори, кој не вели дека бугарскиот народ бил фашистички, туку дека државната политика во Втората светска војна била фашистичка – вели Ружин.

Захариева: Гаранции или ветото останува

Според бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, решавачки фактор заради кој бугарската влада ги блокираше преговорите на Македонија со ЕУ е што немало гаранции за добрососедските односи и за имплементација на билатерални договори.

– Со Договорот за пријателство се предвидува заедничка комисија од историчари за решавање на постојните спорни историски прашања меѓу двете земји со консензус, која не успеа да ја заврши својата задача. Бугарија сака да биде признаена историската вистина. За Северна Македонија кога го потпиша договорот, не беше проблем дека заедничката историја ќе нѐ обедини, наместо да нѐ раздели. Ова е целта. Ние не велиме „овие личности се само наши“, туку „овие личности се заеднички“. Ова е модерно размислување на две земји, особено ако сакаат да бидат заедно во ЕУ – рече Захариева за германската телевизија АРД.

Таа нагласува дека Бугарија инсистира македонскиот јазик да се именува како „официјален јазик на Република Северна Македонија“ и да се променат учебниците во кои „Бугарите сѐ уште се претставени како фашисти“.

– Бугарската влада сака овие забелешки да најдат свое место во преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Не сакаме да ја запираме, но ако немаме гаранции во преговарачката рамка, ќе биде невозможно да се каже „да“. Значи, без оглед на сегашното или следното претседателство со ЕУ, ако нашите предлози бидат вклучени за дискусија во преговарачката рамка, Бугарија ќе може да каже „да“. Нема проблем во нашето барање во рамката за преговори да се стави и добрососедството, затоа што тоа е хоризонтален критериум на ЕУ од Мастрихт. Ова не е преседан затоа што веќе имаше такви содржини во преговарачката рамка на Хрватска – вели таа за АРД. 

Вчера пред бугарските пратеници Захариева рече дека добрососедството мора да стане дел од преговарачката рамка за Македонија затоа што тоа се најсилните гаранции за Бугарија дека потпишаните документи ќе се исполнат и ќе се надгледуваат во текот на целиот процес на преговорите, со јасни критериуми за напредок.

ВМРО-ДПМНЕ прашува што содржи нон-пејперот на Бучковски до Борисов

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера праша што содржи нон-пејперот што завчера на бугарскиот премиер Бојко Борисов му го предаде специјалниот владин претставник Владо Бучковски.

„Дали за тој нон-пејпер Заев ја информирал Владата или претседателот на државата? Какви се тие гаранции кои Заев му ги дава на Борисов и што содржат? Овие прашања заслужуваат одговор, особено ако се знае дека Заев ја понижи Македонија и македонскиот народ, тргувајќи со идентитетот, историјата и јазикот“, се вели во партиското соопштение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот