Епидемија на ебола во Гвинеја, итна вакцинација и тревога во соседството

Епидемија на ебола во ДР Конго / Фото: Профимедиа

Со седум случаи на ебола, од кои три веќе завршија фатално, Гвинеја и официјално е погодена од нова епидемија на оваа заразна болест со голема смртност. Во Демократска Република Конго почна итна вакцинација на најчувствителните категории граѓани, а другите соседи на Гвинеја, кои веќе самите надминале неколку епидемии, со големо внимание ја следат општата ситуација во регионот на Западна Африка.

– Рано утрово во лабораторијата во Конакри беше потврдено присуството на вирусот на ебола – изјави Сакоба Кеита, шеф на Националната агенција за здравствена безбедност.

Ова се првите регистрирани случаи на ебола во Гвинеја по епидемијата во периодот од 2013 до 2016 година, која се прошири и низ соседните земји, зарази 28.000 лица и однесе повеќе од 11.000 човечки животи.

Кеита појасни дека првата жртва на новиот бран на ебола, медицинска сестра што работела во здравствен центар во Гуеке, близу границата со Либерија, починала на 28 јануари. Според традициите во регионот, најблиските го миеле телото на покојничката и така веројатно го добиле вирусот.

– Жената беше погребана на 1 февруари, а неколку лица што биле присутни на погребот по неколку дена добиле симптоми на заразната болест – дијареја, повраќање, крвавење и треска – изјави Кеита.

Примероците тестирани во лабораторијата донирана од Европската Унија во Гекеду, во истиот регион, потврдиле присуство на вирусот на ебола кај неколкумина од лицата со симптоми.

– Седумте позитивни случаи и трите жртви значат дека Гвинеја е во ситуација на епидемија на ебола – изјави шефот на агенцијата за здравствена безбедност.

Итна помош од СЗО

Алфред Џорџ Ки-Зербо, претставник на Светската здравствена организација во Конакри, изјави дека агенцијата на ОН ќе настојува итно да ѝ испрати помош на Гвинеја за да се ограничи и да се запре ширењето на заразата.

– Ќе настојуваме итно да доставиме клучни материјали за да ѝ помогнеме на Гвинеја, која веќе има значително искуство во борбата против оваа болест. Арсеналот сега е посилен и ќе настојуваме да ја ограничиме оваа зараза што е можно побрзо. Светската здравствена организација е во контакт со производителот на вакцини за да се обезбеди доставување на потребниот број дози за да ѝ се спротивставиме на болеста – изјави Ки-Зербо.

Локалната организација на Црвениот крст објави дека се активирани повеќе од 700 доброволци, кои веќе имаат искуство од поранешните епидемии на ебола. Тие ќе бидат вклучени во првиот бран од борбата за ограничување на заразата. Владата ги повика граѓаните строго да се придржуваат до препорачаните превентивни мерки, да одржуваат хигиена и итно да ги пријавуваат раните знаци што може да бидат симптоми на болест.

Во источниот регион на соседна Демократска Република Конго веќе почна кампања за вакцинација, откако беа потврдени четири случаи. Први ќе бидат вакцинирани здравствените работници во регионот на Бутембо, каде што се концентрирани случаите.

Во Демократска Република Конго сѐ уште не е прогласена епидемија. Претходната почна во август 2018 година и заврши во јуни 2020 година, со загубени 2.287 човечки животи.

Во првиот бран ќе бидат употребени 8.000 дози на вакцината „Ервебо“ – прва произведена против оваа заразна болест и одобрена од американската Администрација за храна и лекови во декември 2019 година.

Пострашна од ковид-19

Иако случаите во Гвинеја и во ДР Конго се регистрирани во региони што се близу до Либерија, во оваа африканска земја до вчера не бил забележан ниту еден случај на ебола. Претседателот Жорж Веа прогласи тревога кај здравствените власти, со цел итно да реагираат ако се појави ебола.

Жителите на Сиера Леоне се повеќе вознемирени од новата регионална епидемија на ебола отколку од пандемијата на ковид-19, иако од коронавирусот во изминатата година починаа 79 лица, а од еболата ниту едно. Во Сиера Леоне очекуваат вакцини од глобалната резерва од 500.000 дози, достапни преку меѓународната агенција Гави.

Но, загрозени од ебола се вкупно 22,5 милиони луѓе во овие земји, а засега не се знае дали производителите имаат капацитет да ги зголемат резервите ако епидемијата се прошири, особено во период кога сите фармацевтски погони се окупирани со зголемување на производството на вакцини за ковид-19.

Еболата е една од најсмртоносните заразни болести што предизвикувала епидемии во изминатите неколку децении. Кај заразените од вирусот првите симптоми се ненадејна појавува треска, малаксалост, болки во мускулите и во грлото, а потоа се влошуваат во повраќање, дијареја и конечно со внатрешни и надворешни крвавења што многу лесно имаат фатални последици од претерано губење крв или од откажување на витални органи. Вирусот се пренесува при директен контакт со телесни течности на заразено лице. Тоа значи дека со силни или со екстремни мерки на хигиена и претпазливост може да се спречи ширењето на заразата.

Вирусот на ебола првпат беше изолиран во 1976 година во Заир, сегашна ДР Конго, откако „прескокнал“ на луѓе од диви животни – претежно од горили или шимпанза, но и од овошни лилјаци или шумски антилопи. Утврдено е дека вирусот се уште може да се пренесе од животно на човек, дури и при контакт со термички необработено месо.

Болеста, во просек, има фатални последици во 50 отсто од случаите. При досегашните епидемии во Западна Африка смртноста варирала од 25 отсто, па сѐ до 90 отсто, според податоци на Светската здравствена организација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот