Експратеници од ДПА застанаа зад Таравари

Беким Фазлиу, Таравари, Мерал Ферати, Фото: Фејсбук Фазлиу

Расколот во Алијанса ги засегна и експратениците и поранешни сопартијци од Демократската партија на Албанците (ДПА). Мерал Узаири Ферати, Беким Фазлиу, Газменд Алии и Орхан Ибраими застанаа зад Таравари. Тие синоќа на средба му дале морална поддршка како на поранешен сопартиец, откако во дворот на Таравари некој оставил неиспукан куршум.

– Ние сме од изворната ДПА и ја поддржуваме опозицијата. Дали ќе му се приклучиме на Таравари или ќе дејствуваме партнерски, ќе решиме дополнително. Можно е целата поранешна структура на ДПА да застане зад Таравари бидејќи е опозициски настроена и е против актуелната власт – вели Узаири Ферати за „Слободен печат“.

За средбата на експратениците на ДПА со Таравари, на Фејсбук објави Беким Фазлиу.

 

„Може да имаме разлики во политиката, може да се согласуваме за многу прашања и да дебатираме со часови и со години, но во демократија никогаш не се осмелувајте да му се заканите некому, особено не на претседател на партија со куршум, во мафијашки стил, кој отворено застана против власта. Ваквите дејства ја поткопуваат демократијата и нејзините вредности. Затоа, денес сме на кафе кај Таравари, претседателот на АА, да покажеме солидарност и да ја пренесеме пораката дека куршумите, оставени на прагот на куќата на најмизерен начин, не го плашат повеќе народот од кого произлегува вистинската сила“, напиша Фазлиу.

Таа, Фазлиу, Алии и Ибраими во неколку мандати беа пратеници на ДПА и пред поделбата на ДПА беа сопартијци со Таравари. Во 2015 година, по судирот со лидерот Мендух Тачи, Села го формира Движењето за реформи во ДПА и набрзо потоа ја основа Алијанса за Албанците. Тој стана и првиот лидер на партијата за по поразот на вонредните избори за Советот на Општина Тетово во 2022 година, на кои Алијанса не освои ниту еден советник, Села поднесе оставка. Таравари на 24 декември 2022 на партиски конгрес беше избран за претседател.
По последните парламентарни избори ДПА во Собранието е застапена само со еден пратеник, со лидерот Мендух Тачи, кој е дел од владината коалиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот