Експертите се песимисти: Тешко дека в година ќе се соберат 454 милиони евра повеќе од годинава

Пари / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Најавениот раст на приходите во буџетската каса за 10 проценти во однос на она што годинава е планирано е преоптимистичко сценарио што тешко ќе се реализира, велат економистите со кои разговараше „Слободен печат“. Владата завчера го презентираше буџетот за наредната година, а според проекциите, во државната каса треба да влезат нешто над 5 милијарди евра, но тоа е за 454 милиони евра повеќе отколку годинава. Од друга страна, и годинава реализацијата не е со посакуваното ниво. Така, до 13 ноември се реализирани 83,5 проценти од планираните приходи и 82,7 проценти од расходите, покажуваат податоците на Министерството за финансии.

Даночниот експерт Павле Гацов не очекува да се соберат 5 милијарди евра во 2024 година.

– Тешко е да се оствари. Инфлацијата е проектирана на 3,6 проценти, што значи дека треба да се соберат повеќе даноци од стопанството, а тоа е преоптимистички. Не очекувам да се реализираат ни капиталните инвестиции од 733 милиони евра. Три години слушаме за „златното правило“ според кое капиталните инвестиции треба да бидат поголеми од буџетскиот дефицит. Но, ако погледнете, и во моментов тоа не е така. Ако од приходите се извадат расходите, ќе се види дека разликата е поголема од буџетскиот дефицит. Така, сè уште да се зборува за тоа златно правило е несериозно – вели Гацов.

По мера на изборите

 

Универзитетскиот професор Абил Бауш вели дека како и секоја година, буџетот помпезно се претставува како развоен, но од осамостојувањето наваму, никогаш не успеавме да направиме таков буџет.

– Развоен буџет е тој што е реформски, кој создава предуслови за раст и развој на државата. Притоа, има некоја стратегија каде реформите се прават со одредена цел. Еве, на пример, во земјоделието тоа значи смена на закони и друг пристап кон префрлање пари од Буџетот. Или на пример за образованието, да се направи инвестирање во согласност со потребите на пазарот на трудот. Тоа во државата ние го немаме – вели Бауш.

Тој смета дека Буџетот за 2024 година е изборен.

– На прес-конференцијата, министерот за финансии, од една страна, вели дека правиме Буџет во исклучително тешко време, но сепак дава оптимистички ветувања, од типот ќе имаме покачување на минимална плата. Од една страна се планира стабилизирање на инфлацијата на 3,6 проценти, а од друга страна се покачуваат платите во администрацијата за 10 проценти, со што само се подгрева побарувачката во однос на понудата, а тоа, пак, предизвикува зголемување на цените – анализира Бауш.

Тој акцентира дека „го губиме здивот за капитални инвестиции“.

– Секогаш многу убаво стокмуваме многу капитални инвестиции, така и сега, но во првиот ребаланс што ќе биде по изборите, а мора да го има, ќе се скратат капиталните инвестиции – вели Бауш.

Опасност од раст на буџетски дефицит

 

За оптимистичко планирање зборува и универзитетскиот професор Зоран Ивановски. Тој е загрижен дека ако не се оствари планот за приходите, тогаш ќе се продлабочи дефицитот кој е планиран на 3,6 проценти.

– Добро е што Владата, во планираниот буџет, остана доследна на определбата за фискална консолидација, па проекцијата е помал буџетскиот дефицит во однос на годинава, како во апсолутен износ, така како и процент од бруто домашниот производ – вели Ивановски.

Тој забележува дека буџетот и понатаму има голема социјална компонента.

– Голем дел од Буџетот и наредната година ќе оди за пензии. Тоа е затоа што немаме поставено пензиско осигурување на вистинско капитални и на пазарни основи. Голем дел од буџетот ќе оди и за плати на јавна администрација, со што се стеснува просторот за негово користење за економски раст. Од друга страна, растот на платите, вклучувајќи ја и минималната плата, комбинирано со продуктивноста, може да влијае врз инфлацијата. Планираните капитални инвестиции, иако традиционално се планираат на високо ниво, не се доволни. Тие се планирани на 15 проценти од буџетот, а за подинамична развојна компонента треба да се доближат до 20 проценти. Друго прашање е нивната реализација – анализира Ивановски.

 Економски раст над просекот?

 

Наспроти планираните 5 милијарди евра на приходната страна, на расходната се планирани 5,5 милијарди евра што е раст од 5,7 проценти од она што го имавме за трошење оваа година. Буџетот е планиран на претпоставен економски раст од 3,4 проценти во 2024 година. Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека целиот буџет се потпира на нереална претпоставка за економски раст.

– Како ќе се оствари економски раст од 3,4 проценти, ако никогаш наназад тој не бил поголем од 2,2 проценти, со исклучок на 2002 година кога се правеше споредба со 2001 година кога имавме војна. Ова е само популистичка најава. И ако Груевски со 2 милијарди евра помал буџет можеше да троши безмилосно и да го гради проектот „Скопје 2014“, за што ли ќе се трошат најавените 5,5 милијарди евра? – прашува Хајредини.

Тој смета дека расходната страна не е добро образложена и дека може да се прават разни злоупотреби и прераспределби.

– Премиерот Ковачевски се пофали со раст на плати, но зошто не рече дека ќе ја намали администрацијата, што прават, на пример, оние 400 вработени во Министерството за политички систем? Се знае, служат само за гласање на избори – вели Хајредини.

Тој смета дека нè чекаат тешки времиња во однос на задолжувањата, затоа што каматите ќе бидат поголеми од економскиот раст што реално што ќе се постигне.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот