Судница / Фото: Слободен печат / Методиј Здравев

Експертите предупредуваат да не се преземаат радикални чекори во судството, како распуштање на Судскиот и Обвинителскиот совет

Распуштањето на Судскиот и Обвинителскиот совет нема да донесе ништо добро, затоа што тоа ќе биде директно мешање на извршната власт во судската, порача судијката и членка на Советот Антоанета Димовска во вечерашната Топ Тема на Телма.

„Замислете да стане пракса со секоја власт да се менуваат судскиот и обвинителскиот совет. Ќе се најде причина, бидејќи секој може да најде причина. Не велам дека ова што се случи е добро, и дека не треба да се критикува, и да се анализира што се случило. Но, јас сметам дека тоа така нема да се реши. Јас го разбирам и револтот кај граѓаните, јас разбирам политиката да има свои залагања како да реши некој проблем и да има свои видувања. Но, лично мене ако ме прашате, јас сум стриктно за тоа дека тоа не е решение. Решението сме ние, луѓето, со индивидуалната одговорност и со нашиот придонес“, рече Димовска.

Владејачкото мнозинство во Собранието може да го смени и Уставот и законот, продолжи таа, но инсистираше дека тоа е најлошото нешто што може да се направи. Ја поздрави изјавата на премиерот Мицкоски, во која остави простор да се дискутира за распуштањето на советите, и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ го имаше тоа зацртано во програмата

„И самиот премиер остави простор да се разговара, и тоа беше една сериозна изјава и верувам дека тоа е така и треба да се разговара. Треба сами ние да бидеме самокритични, ние во судството да разговараме, извршната власт да разговара за својот дел од вината, бидејќи да се разбереме на сите ни е јасно дека извршната власт сака да се меша во судската, обратно не, судската не се меша во извршната“, рече Димовска.

Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ предупреди да не се преземаат радикални решенија.

„Станува збор за проблеми кои се таложат многу долг период, проблеми кои не се решаваат, и на кои се калемат нови. Во таква ситуација практично е невозможно да искалкулирате однапред какви чекори ќе преземете. Но, она што ние упорно го кажуваме е дека треба да се искористат механизмите кои веќе ги имаме на располагање, притоа да не се навлегува во некои радикални и револуционерни решенија. Бидејќи искуството ни има покажано дека таквите решенија ретко кога даваат плод, уште повеќе, можат да предизвикаат многу несакани ефекти“, рече Аврамовски.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот