Фото: „Еуромакс ресурси“

Екоактивистите загрижени, чуле дека тетовски „Еколог“ ќе ја купува „Еуромакс“, фирмата што сакаше да гради рудници во струмичко

„Веќе неколку месеци добиваме информации од повеќе различни свиркачи на различни позиции во Македонија кои укажуваат на една иста работа, а тоа е дека фирмата „Еколог“ од Тетово веќе е во финални преговори за презимање на компанијата „Еуромакс Ресурси“ од кајманската “швајцарска” фирма „Галеника“ на бугарскиот бизнисмен Цоло Вутов“, пишуваат еколошките активисти од здружението „Здрава котлина“, кое се бори против изградбата на рудници во струмичко, за кое државата ѝ даде концесии на „Еуромакс Ресурси“.

Тие велат дека нема економска логика да се купуваат акции на презадолжената компанија, на која државата ѝ издаде две концесии, од кои една е одземена, а одземањето на другата се одолговлекува.

„Кој нормален сака да ја купи акции од фирма чија единствена вредност се две концесии при што првата одземена концесија чека на конечна потврдна одлука од Вишиот управен суд и втората концесија што Министерството за економија мистериозно но упорно не ја одзема, иако е законски истечена уште на 13 јануари 2020 година??!“, прашуваат екоактивистите.

„Сепак во една искривена логика нештата може да се сменат во нашата држава и ајде да видиме како би изгледало таквото сценарио: пред неколку месеци, првиот заменик министер Артан Груби објави дека на „Еколог“ од Тетово ќе му исплатат 130 милиони евра помош за да прави електрични автомобили. Можеме да претпоставиме дека играта на „Еколог“ со „Еуромакс Ресурси“ е поврзана со оваа навидум неповрзана вест за државна помош за производство на електрични автомобили. Но ова не би било можно без еден сврзувачки лепак помеѓу сите овие делови. Тој лепак во случајот се вика ДУИ (Демократска унија за интергација) и директно е поврзан со случувањата со „Еуромакс““, велат од „Здрава котлина“.

„Директна конекција е ангажманот на поранешен министер за странски инвестиции и директор на агенцијата за промоција Арленд Зекири како овластен адвокат на Еуромакс Ресурси преку австриската адвокатската канцеларија Ленски, Ганзгер и Партнери (LGP) чија локална канцеларија во Скопје ја води токму Арленд Зекири. Но тој е се уште многу тесно поврзан со ДУИ што се гледа од скандалот во општина Тетово. Со смената на Теуата Арифи од ДУИ, новиот градоначалник на Тетово од БЕСА направи ревизија на трошоците и во 2021 излезе документ од општина Тетово во кој стои дека дека Арленд Зекири бил на платен список на општината без никаков ангажман“, се вели во објавата на здружението.

„Сега веќе полека можете да си замислите зошто и како е можно да има логика Еколог, дури можеби со пари од државата, да го купи Еуромакс Ресурси. Притоа „Еколог“ може да биде сигурен дека тоа дебело ќе му се исплати поради бакарот во рудникот, а златото ќе продолжи да се дистрибуира до „Ројал Голд“ во Швајцарија. Конекциите на поранешниот министер, а сега овластен адвокат Арленд Зекири преку ДУИ во судството, владата и парламентот ќе излобира да се повампири одземената концесија, а другата истечена концесија ќе си остане неодземена. Законите никој не ги есапи и тие важат само за обичниот народ“, велат еко-активистите, кои стравуваат дека „во такви околности тетовски Еколог ќе почне да го отвара рудникот на смртта во Струмичко без око да му трепне за сите последици, а на народот ќе му остане да се труе и да се иселува“.

Здружението „Здрава котлина“ повеќе детали околу случајот најавува за вечерва во 20 часот, кога негови претставници ќе гостуваат во емисија на струмичката телевизија „Вис“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот