Една по една се затвораат вратите за македонските туристи

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Туристичките дестинации една по една ги затвораат вратите за македонските туристи. Зголемениот број новозаразени лица со Ковид-19 во Македонија во изминативе неколку денови придонесува земјите што полека ги отвораат границите, да стават блокада за влез на туристи од нашата држава.

Токму поради оваа причина Црна Гора одлучи да не ги отвора границите за македонските државјани, а слично како и другите соседи и Црна Гора ќе ја обновува листата на земји на неколку недели, па ќе се одлучува од кои држави ќе се пуштаат странци, а од кои не.

Грција, која е редовно одредиште за македонските туристи, од претходно најави дека ги отвора границите за нашите државјани на 15 јуни, меѓутоа последните информации се и дека оваа ситуација сега е доведена во прашање.

Отворањето на границите на Грција кон Македонија може да стане неизвесно поради сè поголемиот број нови случаи со коронавирус во нашата земја, но состојбата дополнително е влошена и откако во понеделникот во Атина пристигна авион од Катар со повеќе од 90 патници, од кои 12 се потврдени како позитивни, по што Грција ги суспендираше летовите од и до оваа земја.

Од другите земји во регионот, Бугарија дозволи влез за Македонците без да биде потребно да се тестираат на ковид-19, исто како и Србија, од каде што властите им забранија на своите граѓани да патуваат во Македонија, додека Босна и Херцеговина ги отвори границите само за Србија, Хрватска и за Црна Гора.

Хрватска исто така ги отвори вратите за неколку земји, но Македонија не е дел од тој список, а Косово одлучи да прима и посетители од Македонија, со тоа што сите лица што влегуваат на територијата на оваа држава и поседуваат негативен резултат од тестот на ковид-19 (не постар од четири дена), не подлегнуваат на процедурата на самоизолација.

Од друга страна, Албанија исто така ги отвори границите за Косово, за Црна Гора и за Македонија, но тамошниот премиер Еди Рама предупреди на „внимателност“.

Покрај ова, и земјите како Малта и Чешка, во кои многу Македонци летово се упатуваат на сезонска работа, засега одлучија да стават клуч на границите за нашите државјани.

Според сето ова, како што досега стојат работите, македонските граѓани што ова лето имаат желба да патуваат, немаат многу избор, а како резултат на високата бројка на заразени со ковид-19 во земјава, без разлика на тоа што досега нема најави за отворање на нашите граници, вратите кон повеќето туристички дестинации една по една ни се затвораат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот