Еден човек три пати по ред уплаќал голема сума пари за ВМРО-ДПМНЕ

Судење за предметот „Титаник“

Денеска во Кривичниот суд во Скопје, продолжи сослушувањето на сведоци во процесот од аферата „Титаник”. Прв на денешното рочиште сведочеше сведојот Панче Коцев од Неготино.

Тој, на прашање на јавната обвинителка Лиле Стефанова дали лично или преку друг некогаш донирал финансиски сретства за некој политички субјект, сведокот изјави дека никогаш не донирал пари за некоја политичка партија.

Сведокот Кристина Белевска пак вработена како преведувач во Владата на Македонија изјави дека од општи познавања знае дека партиите се финансираат од чланарина и донации.

Таа рече дека во периодот од 2011 до 2014 година потврди дека плаќала чланарина и донации за политичка партија.

– Без разлика дали било лично или преку уплатница, се сеќавам дека сум уплаќала лично, но и сум давала пари на луѓе кои уплаќале за мене. Преку уплатница не се сеќавам колку имам уплатено, а знам дека било неколку пати така уплатувано. Минало време, за сумата не се сеќавам – рече сведокот.

Белевска рече дека чланарината ја плаќала лично во Месниот или во Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Нагласи дека по некогаш за уплатите добивала документ каса-уплати. Моите уплати, рече сведокот, можно е да достигнале сума од околу 60.000 денари.

Третиот сведок на ОЈО Александар Горенчев вработен во НЛБ, изјави дека во 2014 година работел во експозитурата на банката во скопската населба Кисела Вода.

– Се сеќавам дека при крај на работното време, имаше голем бриј на луѓе кои чекаа ред за уплата. Немав целосен увид во објектот колку луѓе имаше во филијалата. За износите на уплатниците не се сеќавам, а уплатите беа насочени кон ВМРО-ДПМНЕ – рече сведокот Горенчев, кој додаде дека уплатите биле исправни според тогашните законски правила на државата и банката.

Скопјанката Јана Божиновска, сведок во постапката, вработена во НЛБ банка како комерцијалист, рече дека во 2013 година работела во експозитура Дирекција кај Т.Ц. “Рамстор” во благајна.

– Уште кога се вработив во 2012 година, имаше обичај од страна на клиенти да се носат поголем број на уплатници. Имаше случај кога имаше низа уплатници кон ВМРО-ДПМНЕ од едно лице кое ги уплати парите, а уплатниците беа на различни идентитети. Најмалку три пати истото лице доаѓаше и уплатуваше. Износот кој се уплаќаше варираше од 30.000 до 60.000 денари. Парите беа спакувани како од банка извадени, во пачки спакувани. Не се сеќавам точно на изгледот на машкото лице кое ги уплаќаше парите – рече сведокот.

На прашање на јавниот обвинител дали може да го препознае тоа лице во судницата, сведокот одговори негативно. Сведокот Александар Маневски од скопско Зелениково, вработен во А.Д. МЕПСО, изјави дека знае дека партиите се финансираат од чланарина и донации.

– Јас имам уплаќано чланарина за политичка партија. Тоа беше за ВМРО-ДПМНЕ, а парите се уплаќаа во Месните комитети. За порано не се сеќавам. Од пред една година уплаќам електронски. Еднаш уплатив за шест месеци, односно износ од по 100 денари за месец. Имам уплатено и донации за ВМРО-ДПМНЕ. Еднаш преку банка имам донирано, но и во партискиот штаб сум донирал потребни работи. Немам дадено на друго лице во мое име да уплати пари за мене – нагласи сведокот Маневски.

Во случајот „Титаник“, за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања обвинети се Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Билјана Бришкоска-Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот