Унгарија и Словачка EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Две држави на ЕУ против притисокот на Трамп за суспендирање на увозот на руски енергенси

Словачка и Унгарија го изразија своето противење на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој бара европските земји да го намалат увозот на руска нафта и гас, сè додека ЕУ не обезбеди соодветни извори на енергија, објави Блумберг.

Словачката министерка за економија Дениса Сакова истакна дека пред какво било намалување на увозот на руска енергија, прво треба да се воспостави потребната инфраструктура за алтернативни енергетски правци.

„Пред да можеме целосно да се обврземе, мора да имаме соодветни услови, во спротивно ризикуваме сериозна штета на нашата индустрија и економија“, рече Сакова.

Унгарскиот министер за економија Гергељ Гуљас повтори дека Унгарија нема да поддржи никакви иницијативи на ЕУ што ја загрозуваат безбедноста на снабдувањето со енергија на земјата, вклучително и плановите за намалување на увозот на руска енергија. За време на разговорот со американскиот министер за енергетика Крис Рајт, во Виена оваа недела, Сакова „јасно ја искажа позицијата на Словачка“.

Рајт, рече таа, изрази разбирање, признавајќи дека САД мора да поддржат енергетски проекти во Европа. За време на викендот, Трамп рече дека е подготвен да воведе „големи“ санкции за руската нафта, доколку европските земји донесат слична одлука. Сепак, словачката влада е подготвена да ги прекине енергетските врски со Русија, под услов да се развие соодветна инфраструктура за транспорт на енергетски производи.

Словачка веќе увезува една третина од својата нафта од алтернативни извори, вклучувајќи го балканскиот регион и Унгарија, а во последниве години ги диверзифицираше своите извори на гас преку флексибилни договори со западните добавувачи. Унгарија, која исто така зависи од руските извори на енергија, смета дека санкциите на ЕУ против Русија се неефикасни и ќе продолжи да ги блокира сите иницијативи што ги загрозуваат нејзините енергетски интереси. „Кога тоа директно оди против унгарските интереси, како што е набавката на енергија, ние ќе ставиме вето“, рече Гуљас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот