
Два зборника објавени во Будимпешта побудија интерес за македонското јазично прашање
На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на 28 октомври се одржа промоција на два зборника во издание на Катедрата за славистика при Институтот за славистика и балтичка филологија, објавени во реномираната едиција „Opera Slavica Budapestinensia (Linguae Slavicae)“ во Будимпешта.
Препорачано
Приредувач на двете изданија е Златко Панзов, а преводот од македонски на унгарски јазик е на Анамарија Цинеге-Панзова. Зборниците ги промовираше проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кој истакна дека станува збор за многу значајни дела, кои пренесуваат повеќе аспекти од македонската наука за македонскиот јазик и литература. Тоа се први зборници од ваков тип издадени на унгарски јазик, кои предизвикаа огромен интерес кај унгарските лингвисти, теоретичари на книжевност и студенти.
Приредувачот на зборниците Златко Панзов кажа дека намерата на зборниците е да побудат интерес за македонското јазично прашање и за историјата на македонската литература, да отворат видици и прашања кај читателите. Резултатите го изненадиле и самиот приредувач, за кратко време се исцрпиле тиражите, па во наредната година се планираат дополнети втори изданија.
Анамарија Цинеге-Панзова се осврна на предизвиците околу преводот на текстовите од зборниците, за нејзиното уживање во пренесување на мислата на Конески, но и идеите и размислите на Мисирков на унгарски јазик.
Зборникот Блаже Конески „За македонскиот јазик“ (Blazse Koneszki: A macedón nyelvről) е издаден по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Во содржината на Зборникот се вбројуваат предговорот на Златко Панзов, како и текстовите на Блаже Конески: „Развојот на македонскиот литературен јазик“; „Афирмација на македонскиот јазик“ и „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици“.
Во Зборникот е приопштен и текстот „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“ од Крсте Петков Мисирков, а публикацијата содржи фотографии од првите изданија на Граматиката од Блаже Конески, од Македонскиот правопис, од Решението за воведување на македонската азбука, како и од оригиналната корица на книгата „За македонцките работи“.
Зборникот „Македонски книжевно-историски мозаик“ (Macedón irodalomtörténeti mozaik) е сочинет од пет научни статии посветени на низа книжевно-научни и културолошки теми: „Епската и арс-поетиката на Блаже Конески“; „Огнот и водата во лириката на Ацо Шопов“ од Владимир Мартиновски; „За некои особености на книжевната критика на Коста Солев Рацин“ од Иван Антоновски; „Женска книжевна архива – од усно творештво до (пост)феминистично писмо“ од Ана Мартиноска и „Млада македонска поезија“ од Звонко Танески. Рецензенти на објавените трудови се Иштван Лукач и Дарин Ангеловски.
Анамарија Цинеге-Панзова е литературен преведувач на унгарски и на македонски јазик. Нејзините научни истражувања се фокусирани на рецепцијата на македонската книжевност во унгарски културен контекст. Активно преведува од 2004 година. Објавила дваесетина преводи од унгарски на македонски јазик. Добитничка е на Почесно Рациново признание за 2024 година за значаен придонес во афирмацијата на македонскиот јазик надвор од границите на државата.
Златко Панзов е лектор, литературен преведувач, културен менаџер. Докторанд е на Докторската школа за литература при Универзитет ЕЛТЕ, Будимпешта. Предмет на неговите интереси и истражувања е историографската метафикција во македонскиот и унгарскиот современ роман. Работи како лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта.
Досега објавил повеќе од четириесет преводи од унгарски јазик за повеќе издавачки куќи. Од 2019 година ја организира манифестацијата Денови на македонска култура во Будимпешта. Во 2023 година ја доби наградата за книжевен превод „Драги“ за преводот од унгарски јазик на романот „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 254, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.11.2024)