ДУП-от на Ѓорче Петров бил донесен надвор од сите процедури, Арсовска се закани со кривични пријави

Градот Скопје ќе поднесе кривична пријава против градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојковски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, претседателот на Советот Ленче Нелоска и Весна Андриевска, вработена во Министерството за транспорт и врски, а од Уставниот суд ќе побара со времена мерка да ја запре примената на ДУП С3 16, изгласан на вонредна седница на Советот на Општина Ѓорче Петров во саботата.

Ова го најави градоначалничката Данела Арсовска на денешната прес конференција, на која посочи дека планот е донесен без согласности од сите надлежни институции наведени во Законот за просторно и урбанистичко планирање.

 На вонредна седница во саботата овој план е ставен на гласање иако градоначалникот знаел дека ДУП-от нема согласност не само од Град Скопје туку и од други надлежни институции. Во два претходни наврати Град Скопје дал негативно мислење и забелешки кои Општината била должна да ги исправи и повторно да го прати на мислење во Градот. Но градоначалникот решил да го прескокне Градот и како конечен план да испрати на одобрување во Министерството за транспорт и врски – рече Арсовска.

Таа нагласи дека според член 36 од овој Закон, согласностите на Министерството за култура, на Министерството за животна средина и на Град Скопје се обврзувачки елементи пред овој план да може да биде доставен до Министерството за транспорт и без нив не може да добие одобрување и да биде ставен на Совет за гласање. Валидна согласност за планот, како што рече, Општината добила само од Агенцијата за катастар.

Арсовска најави и дека доколку Министерството за транспорт не ја поништи согласноста што ја дало, кривична пријава ќе поднесат и против нив без оглед на тоа дали биле изманипулирани со доставени незаконски документи.

За неа најзагрижувачки во планот се предвидените индустриски капацитети.

Она што особено загрижува е изградба на три индустриски капацитети од хемиска индустрија и тоа на површина од повеќе од 157 илјади метри квадратни. Ова е недозволиво и ниту јас ниту администрацијата на Град Скопје нема да дозволимо истото да помине неказнето. Нема да дозволиме ниту еколошка ниту безбедносна катастрофа да му се случи на Скопје и да се издигне вакво здание во сред град каде имате три населени места. Носењето на овој ДУП е во целосна спротивност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, спротивен на  ГУП, а донесен е надвор од сите процедуири – нагласи Арсовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот