ДСК денеска одлучува за собирање потписи за доверба на владата на Курти

Фото: МИА

Пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) ќе се состане денеска во врска со иницијативата покрената од оваа владеачка партија за гласање доверба за Владата на Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.

Информацијата, во изјава за порталот „Коха.нет“, ја потврди шефот на пратеничката група на ЛДК Арбен Гаши, кој вели дека за иницијативата се уште не е разговарано си ниедна друга парламентарна партија.

Претходно и потпретседателот на ЛДК Агим Велиу, чие разрешување од страна на Курти од функцијата министер за внатрешни работи беше повод за најавеното растурање на коалицијата на ЛДК со Движењето Самоопределување (ВВ) на Курти, изјави дека веројатно денеска ќе се почне со собирање потписи за свикување на собраниската седница за гласање доверба за Владата.

– Верувам дека во текот на денешниот ден ќе почне процесот на собирање потписи и во моментот кога тие ќе се комплетираат ќе бидат проследени до претседателството на Собранието за натамошна процедура, изјави Велиу за државната телевизија РТК.

За свикување собраниска седница за гласање доверба за владата потребни се потписите на 40 пратеници. ЛДК во 120-членото Собрание на Косово има 28 пратеници, додека опозициските партии се уште не се изјасниле дали ќе го поддржат гласањето за недоверба.

Соопштувајќи ја синоќа одлуката на Претседателството на ЛДК, партискиот лидер Иса Мустафа рече дека повод за барањето за гласање доверба, покрај прекршувањето на коалицискиот договор со разрешувањето на Велиу, е и непостапувањето на Курти по однос на барањето на Вашингтон, како најголем и најбитен сојузник на Косово, за укинување на таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот