
Државата плаќа осигурување за имот што не постои, службени станови дели на „Жими мајка“
АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Републиката и АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост беа под лупата на Државниот завод за ревизија, кој утврди дека „законската регулатива не создава услови, а активностите на надлежните институции не обезбедуваат ефикасно управување и стопанисување“.
За нешто помалку од 4 години две министерства за кирија платиле речиси 800.000 евра, триесет и тројца користат државен имот без да имаат право за тоа, половина од државниот простор чмае и не се издава…
Препорачано
Ова се само дел од забелешките на Државниот завод за ревија, кој истражуваше на тема: „Дали надлежните институции управуваат и стопанисуваат со државниот имот – деловни и станбени објекти на државата на ефикасен начин?“ Нивниот заклучок е дека законската регулатива не создава услови, а активностите на надлежните институции не обезбедуваат ефикасно управување и стопанисување.
Според извештајот, во државава има 86 корисници на службени станови, но речиси 40 отсто се користат неосновано.
„АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Републиката, стопанисува и со службени станови за кои е дадено право на користење на избрани и именувани лица, како и на службени лица што вршат посебна должност во државните органи. Заклучно со 2023 година, од вкупно 86 корисници на службени станови, 33 корисници не ги исполнуваат условите за користење на доделените службени станови. Контрола на користење на службени станови не е направена од 2019 година“, соопшти Државниот завод за ревизија.
АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост стопанисува со 1.171 објекти, од кои 51 процент не се издаваат под закуп, а најголем дел од овој имот е во Скопје и во Битола.
„Според анализата и извршените разговори со надлежните лица во Друштвото, утврдивме дека активностите за подобрување на состојбата на неиздадениот деловен простор е на незавидно ниво. Одредени вложувања се вршат само за објекти за кои има интерес за изнајмување, по што истите се објавуваат на оглас за нивно издавање под закуп. Не е воспоставена практика за континуирани анализи на фактичката состојба на објектите со предлози за нејзино подобрување со цел нивно издавање под закуп, продажба или друга алтернативна употреба на деловниот простор, особено за објектите што се во добра или во задоволителна состојба“, пишува во Ревизорскиот извештај.
Во однос на деловен простор што буквално се распаѓа и не може да се користи, ревизорите утврдиле дека не се вршат доволно анализи за негово идентификување, за можните алтернативи за отуѓување и информирање на Владата за да направи нешто со тој имот, а имотот создава трошоци и за него се плаќа осигурување. Но, уште пострашно е што се осигура и имот што воопшто не постои!
„Сè уште е евидентиран имот што е отуѓен или за кој е одземено правото на користење, кој според податоците во помошните евиденции е урнат и слично, а за него иако реално не постои, сè уште се прават трошоци за осигурување како и трошоци за амортизација“, пишува во Извештајот.
Ревизорите велат дека 51 отсто од деловниот простор се третира како „спорен“ поради нерешени имотноправни спорови, бесправно користење или неосновано запишани права на сопственост од други правни и физички лица, урнати и руинирани објекти, како и објекти што се отуѓени или за кои е изземено правото за стопанисување, а сè уште се водат во евиденцијата на државното друштво што управува со нив.
„Македонско село“ не работи, но проголта 100.000 евра државни пари